Повеќе средства за инвестиции на централно и на локално ниво, поддршка на приватниот сектор за нови инвестиции и отворање нови работни места, сигурна и редовна исплата на платите, пензиите и социјални надоместоци се обезбедуваат со Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2025 година којшто беше изгласан од страна на пратениците, велат од Министерството за финасии.
Со ребалансот Охрид добива 36 милиони денари за возобновување на Свети Климентовиот универзитет кај Плаошник, 24.370.953 денари за набавка на опрема и дигитализација во ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид, како и средства за голем број локални проекти.
Инвестираме во образованието, културата, туризмот, здравството…- инвестираме во иднината!, вели пратеничката Лидија Петкоска.
Според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со ребалансот се обезбедуваат и повеќе средства за проектите кои имаат забрзана динамика и кои носат развој, како и искористувања на средствата од предходните години кои стојат на посебните сметки.
Овој ребаланс не е развоен и не е социјално одговорен. Тој е создавање на ново множество на пропуштени шанси, на скриени долгови, на селективна поддршка и на краткорочни политички пресметки. Ова е ребаланс за предизборен поткуп, служи само за изборите во октовмри, порача пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на собраниската расправа.
Н.С.Ј.