Претседателот на Собранието, Талат Џафери, сведочеше пред судот за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села што се случи на 27 април минатата година.
„На почетокот додека граѓаните влегуваа во прес-салата, Села беше од мојата лева страна и тука стоевме во аголот. Дури разговарав на телефон со семејството, за една до една и пол минута Села го снема. Помислив дека го евакуирале. Но додека траеше нападот еден од напаѓачите извика: „Со Села завршивме, на вас е редот’“, сведочеше Џафери.
„Викаа дека ќе нè тераат да потпишуваме изјави дека не го прифаќаме новото парламентарно мнозинство, мојот избор за претседател на Собранието. Така дознав дека Села е повреден“, рече тој пред судот.
Џафери рече дека откако бил евакуиран и завршила операцијата на спасување го посетил Села, кој бил пренесен на клиника. Тој препозна дел од напаѓачите во судницата. „Се сеќавам на изгледот затоа што влегоа први. Тоа е нешто што не може да се заборави”, рече Џафери.
За обидот за убиство на Села обвинети се вкупно десетмина, и тоа: Оливер Ошавковски, Сашо Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски-Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов, Стојан Павлески-Кобра, Кире Ѓоргиевски и Цене Ѓоргиевски.
OhridNews
Макфакс