Никола Тодороски своето најново стендап шоу „Лошо куче“ вечерва ќе го изведе во НУЦК “Григор Прличев“ – Охрид. Воедно тој ќе одбележи 13 години стендап кариера.

На 21.04.2011 година со моето прво шоу ја започнав мојата приказна како стендап комичар. Годинава на 21 април се навршуваат 13 години како се трудам сите тешки, страшни, глупи, чудни работи кои не опкружуваат да ги претворам во комедија и да ја насмеам публиката. Мислам дека датумот 21.04.2024 е соодветен за шоу дома, вели Тодороски.

Стендап шоуто „Лошо куче“ на Никола Тодороски почнува во 20:00 часот.

Со неговото најново стендап шоу, како дел од големата турнеја, Никола веќе настапуваше во Прилеп, Битола, Струга, Ресен, Кичево, Гостивар, Штип, Скопје, Линц, Виена. Во текот на мај македонската турнеја продолжува и во останатите поголеми градови во Македонија.

По завршувањето на македонската турнеја шоуто ќе биде прикажувано и на англиски како дел од Европската турнеја која Никола ја планира од септември.

Г.М.