-Македонскиот јазик за мене како предмет е многу интересен и уникатен во целиот словенски контекст, особено во балканскиот контекст. Тоа е јазик кој е потврден со својата кодификација, своите граматики, своите речници и заслужува почит од страна на другите земји. Сметам дека македонците, како мала нација исклучително добро го чуваат јазикот и го промовираат пред светот, за што говори и одржувањето на оваа научна конференција на која има се поголем број на учесници од странство, односно од голем број универзитетски центри каде што се проучува токму Македонскиот јазик, вели Наталија Бороникова, доцент од Државниот универзитет во Перм, Русија.
Таа нагаласи дека од година во година во Русија има се поголем интерес за изучување на Македонскиот јазик од страна на студентите и дека истиот се проучува во рамките на четири универзитетски центри.
Ала Шешкин, професор по Македонска литература на Државниот универзитет во Москва смета дека Македонија не треба да се плаши од негирањето на јазикот од страна на други земји затоа што истиот е веќе потврден.
-За Македонскиот јазик повеќе од 60 години се зборува дека се напаѓаа од сите страни, го негираат многу земји и нации, но еве се гледа дека тој издржа и покрај се и понатака продолжува да се развива. Ако ја споредиме македонската литература од почетокот на 50-тите години, може да видиме колку големи препреки поминал јазикот и какви унапредувања добил. Значи сите кои зборуваат македонски се чувари на неговата иднина и сматам дека доколку државата продолжи да вложува во промовирањето на јазикот и понатаму, Македонскиот јазик нема да изумре, смета Шешкен.
Проф. д-р Максим Каранфиловски, директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура истакна дека ваквите научни собири се најдобар одговор на сите напади врз македонскиот јазик и македонскиот идентитет.
-Токму ваквите научни конференции, семинари и други активности на кои странските научни работници покажуваат и докажуваат дека Македонскиот јазик не само што не може да се негира, туку тој е и премногу вителен и жив. Самото тоа што научни работници од цел свет се занмаваат со македонскиот јазик и го споредуваат со други јазици, тоа е доволен доказ дека тој постои и не може никој да го раздрма, вели Каранфиловски.
На конференцијата, на која се зборуваше за ,,Македонскиот јазик наспроти другите јазици” и ,,Творештвото на Гане Тодоровски”, свое учество зедоа околу 80 странски и македонски македонисти, слависти и балканисти.
По завршувањето на научната конференција, во петок на 22 јуни ќе започне 45. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура на која ќе учествуваат над 100 ученици од 20 земји.