Министерството за здравство почнува скрининг на карцином на дебело црево.

Како што пренесува „Макфакс“, со скринингот ќе бидат опфатени граѓаните на возраст од 50 до 74 години, со ризик фактори, граѓани кои во семејството имале заболени од карцином или чувствуваат тегоби со дебелото црево.

Пациентите ќе добијат по три тестови со кои навремено ќе може да се открие малигното заболување, а за оваа потреба министерството набави 108.000 тестови, во вредност од 6 милиони денари.

Бројот на заболени од рак на дебелото црево во последните години во Македонија е дрстично зголемен, поради што државата реши да отпочне кампања за превенција од оваа тешка и смртоносна болест.Од вкупниот број заболувања од карцином, ракот на дебелото црево се наоѓа на второто место според бројот на заболени кај женската и машката популација. Статистичките податоци покажуваат дека ова заболување опфаќа 14 до 16% од вкупниот број случаи на карциноми. 

Охрид е првиот град во Македонија кој отвори специјализирана Амбуланта за болести на дебело црево, која функционира во рамки на Хируршкото одделение при Општата болница од 2000 година. Годишно тука се вршат од 100 до 120 прегледи, кај 10 до 12% од нив се открива карцином на дебелото црево.

За рано откривање на ова заболување од големо значење се превентивните прегледи кои кај луѓето со навршени 50 години се препорачуваат да се вршат еднаш во годината.

Како ризик фактори кои доведуваат до карцином на дебелото црево во најголем број случаи се генетските фактори, како и цигарите и алкохолот кои произведуваат вишок на секреција на жолчни бои кои се токсична материја која во дебелото црево придонесува за појава на промена на природата на клетките на слузницата на  дебелото црево. Луѓето со успорено празнење на цревата, како и оние кај кои е извршен хируршки зафат на жолчната кеса исто така спаѓаат во ризичната група. За да се намали ризикот од ова заболување се препорачува се поретко користење на брзата храна, а повеќе вклучување на овошјето и зеленчукот во секојдневната исхрана, затоа што тие придонесуваат за нормално празнење на дебелото црево, со што шансите за заболување се помали.   

OhridNews