Традиционалниот музичко-сценски фестивал „Словенија во Охрид“, викендов беше отворен на летната сцена на Долни Сарај. Дувачки и тамбурашки оркестри, хорови и мажоретки и 31 фолклорна група со над 800 учесници ја презентираат словенечката музика и игра пред охриѓани и гостите. Амбасадорот на Република Словенија во нашата земја Милан Јазбец, истакна дека оваа манифестација е празник за соработката и пријателството.

  • Овој настан има дополнителна тежина, бидејќи од годинава за прв пат почесен покровител на „Словенија во Охрид“ е претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов. Ова е еден од големите нови докази за традиционално, искрено и отворено пријателство меѓу нашите две земји и народи. Словенија е голем поддржувач на Македонија на патот кон евроатлантската интеграција и така ќе остане и во иднина. Особено сме задоволни со неодамнешната одлука на Северно атлантскиот совет, Македонија за три недели да добие покана за членство во НАТО, како 30-та земја членка. Ви честитам и заедно со вас со нетрпение го очекувам ова достигнување, што е правично, истакна амбасадорот Јазбец.

Во името на градот домаќин, присутните ги поздрави градоначалникот Јован Стојаноски, кој истакна дека иако Словенија и Македонија 27 години чекорат самостојно, искрените и пријателски врски остануваат како трајна определба на нашите народи.

– Ваквите манифестации само ги потврдуваат и продлабочуваат таквите односи. Охрид во текот на летната сезона се претвора во културен центар на Македонија, а ваквите манифестации токму тоа го потврдуваат и ја збогатуваат туристичката понуда на македонскиот туристички и културен бисер. Верувам дека нашите словенечки пријатели, автентично, разиграно и весело ќе ни ја доловат „Словенија во Охрид“, но исто така уверен сум дека ќе понесат незаборавни спомени од нашиот град, подвлече Стојаноски.

Интернационалниот фестивал „Словенија во Охрид“ е во организација на Здружението за култура и уметност „Арт Вивенди-Охрид“ и Амбасадата на Република Словенија во Република Македонија. Манифестацијата  продолжува денес од 17 часот на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ и на новиот мал плоштад кај ТЦ „Амам“.

OhridNews