Целосно е изгаснат пожарот на депонијата Буково. Беше спроведена дводневна акција, изминатиот четврток и петок, во која учествуваа екипи на ЈП Охридски коминалец, а поддршка пружија волонтерите од Еко Фап.
ЈП Охридски комуналец ги гаснеше опожарените делови од депонијата, и изврши покривање со земја/песок. Претходно беше спроведен третман со раствор кој содржи чиста алга, истакна директорот на ЈП „Охридски Комуналец“, Љупчо Грданоски.
Ваквите проблеми во депонијата Буково се чести, особено во летниот период, што влијае врз животната средина. Проблем претставува и нелегалната „посета“ на депонијата од лица кои вршат пребарување, што го зголемува ризикот од палење и предизвикување пожар.
Според Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и препораките од УНЕСКО депонијата „Буково“ треба да биде затворена, но преземањето на оваа мерка зависи од одлуката за одредување на локација и отворање на регионална депонија за Југозападниот регион.
Н.С.Ј.















