Со мултимедијалниот спектакл  „Трилогија Романа“ од Оторино Респиги, во продукција на шпанската компанија „Ла фура дел Баус“, вечерва, на Античкиот театар свечено ќе биде отворено 51 издание на најзначајната културна манифестација во земјава, фестивалот „Охридско лето“. Овој проект кој е дел од светската премиера, по изведбата во Валенсија и Рим,  е спој на музика, аудио и визуелни ефекти, кои ја доловуваат атмосферата на древниот Рим. Музичкиот дел го донесува Македонската филхармонија, со која ќе диригира познатиот Андреас Вејзер од Германија.

Со вечерашниот спектакл кој ќе се одржи на Античкиот театар всушност се означува почетокот на новите 50 години од “ Охридско лето” и новото лице на  фестивалот кој и оваа година ќе понуди богата програма која ќе го привлече вниманието на публиката. Се е подготвено за дочекот на бројните уметници кои ќе настапат во рамки на најновото издание на оваа реномирана манифестација, потенцира Зоран Велјаноски Летра, претседател на Управниот одбор на фестивалот. 

Во рамки на најновото издание на “Охридско лето” е предвидено и гостувањето на осумте тенори од Русија, наречени тенори на 21 век со освоени најголем број престижни награди насекаде во светот, настапот на Најџел Кенеди, најпродаваниот виолинист, кој освен класична музика свири и џез музика. Неизоставно е да се спомене и заедничкиот настап на Влатко Стефаноски и Стефан Миленковиќ, на 2- ри август на Античкиот театар.


Содржините на фестивалот ќе бидат збогатени и со неколку изложби. Една од нив е  вечерашната изложба, која ќе започне во 19 часот во Центарот за култура, изложбата “ Ангели” на нашиот сограѓанин Јане Бакрески, современ македонски зограф. Предвидени се и изложби на фотографии од Константин Плевнеш, а на 18 август и изложбата на фотографии изработени од Роберт Јанкуловски и Моника Мотевска.

На 13 август, по повод 50 годишнината од снимањето на македонскиот филм “ Мирно лето” ќе се изврши негова проекција , на која се поканети и дел од членовите на актерската екипа и луѓето кои учествувале во создавањето на еден од најпознатите македонски филмови.

OhridNews