Црвен крст Охрид одбележува три значајни јубилеи 80 години од основањето и непрекинатото делување на организацијата, 10 години од меѓународниот аматерски младински театарски фестивал „Вдиши театар“ и 15 години од едукативната програма и Центар за развивање животни вештини Бреинобреин.
Навистина голема одговорност, задоволство и чест што можеме вака гордо да ги одбележиме овие јубилеи, рече на денешната прес конференција претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
Овој јубилеј 80 години од основањето и непрекинатото делување на Црвен крст Охрид е јубилеј кој претставува можност да оддадеме признание и почит на сите основачи, волонтери, вработени поддржувачи на генерации охриѓани кои одвоиле време и дел од себе да бидат дел од оваа организација, вели Точков.
Настаните, посочи Точков, кои се предвидени за овој јубилеј започнуваат во петок во 20:30 часот на летната сцена на Долни Сарај со свечена академија на која ќе бидат доделени јубилејни признанија на поединци и организации кои долгогодишно соработувале и придонеле за развој на оваа организација.
Важно е да се каже дека на свечената академија се сите добредојдени, сите кои се чувствуваат хумани, кои биле дел од оваа организација и младите кои имаат желба и ќе бидат дел од оваа организација. Оваа свеченост нема да биде само прослава туку сакаме да ја поставиме како еден вид потсетник дека хуманоста е тоа што е највредно и најзначајно, тоа што ние го имаме и даваме. Сакам да упатам апел до сите да продолжиме во истата насока да бидеме светилник на хуманоста и да го докажеме и покажеме тоа што навистина го заслужуваат и охриѓани и сите кои се вклучени во нашата организација, додаде Точков.
Со огромно задоволство го најавуваме 10-тото јубилејно издание на меѓународниот аматерски театарски фестивал „Вдиши театар“, рече Весна Терзиоска, потпретседателката на ОО Црвен крст Охрид и дел од тимот на „Вдиши театар“.
Идејата почна пред 12 гдоини, како место, простор, каде младите може да ја изразат својата креативност. Простор за критичко размислување, за сценско изразување и со две години пауза заради Ковид пандемијата со големо задоволство го најавувам 10. јубилејно издание на „Вдиши театар“. Низ овие 10 години сме реализирале 40 претстави со над 300 актери волонтери на Црвениот крст. Велиме меѓународен бидејќи од самиот почеток на амтерскиот Фестивал учествуваат организации на Црвен крст од нашите побратимски градови од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Годинава ни е многу значајна бидејќи славиме 10 години и во сабота ќе ја реализираме претставата „Балкан град“. Интересно е да се напомене дека оваа година ќе имаме една заедничка претстава, компилација на сите 5 општински организации. Тоа се ОО Црвен крст Охрид, Крагуевац, Ужице, Суботица и Бар, истакна Терзиоска.
Посочи дека низ годините во „Вдиши театар“ учествувале над 106 актери волонтери од Охрид и луѓе вклучени во логистика.
Софија Јаковлева, волонтер во Црвен крст Охрид и дел од актерската екипа во претставата „Балкан град“ истакна дека трета година е дел од „Вдиши театар“ и секоја година возбудата е голема.
Меѓутоа оваа година е навистина нешто посебно затоа што имаме спој со сите збратимени градови и оваа претстава по повод јубилејот на Црвен крст и 10 години од аматерскиот театар напрвивме едно дело, претставата со збратимените градови на различни јазици, односно успеавме да склопиме секој на својот јазик да го претстави она што навистина го сака. Подготовките беа интересни, имавме онлајн вклучувања, но вистинското чувство ќе го добиеме кога ќе пристигнат, а тоа е на 13 јуни. Тогаш навистина ќе го доловиме моментот како после напорна работа преку спцијалните мрежи е да направиш нешто такво во живо, додаде Јаковлева.
Претставата ќе биде изведена во сабота на 14 јуни со почеток во 20:30 часот во предворје на Света Софија. Влезот за истата е слободен. Проектот „Вдиши театар“ се реализира во поддршка со Општина Охрид.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска