Денеска срцaтa на охриѓани чукаат посилно од кога и да е, кога можеме гордо, во слобода, да се сетиме на заветот на младите борци срочен во синтагмата: „СЛОБОДА ИЛИ СМРТ!“. Ваквиот цврст став на нашите борци е клучот за опстанокот и надминувањето на сите обиди за згаснување на македонскиот национален идентитет. Денес славиме за хероите на претходното, наше и идно време, рече во обраќањето пред присутните на свечена академија што се одржа вчеравечер во ЦК „Григор Прличев“ по повод 7-ми Ноември, Денот на ослободувањето на Охрид, градоначалникот Кирил Пецаков.
Денеска во слободен Охрид се бориме за подобар животен стандард на сегашните и идни генерации. Инфраструктурно го разубвуваме градот. Градиме нови детски градинки, училишта плоштади. Се грижиме да го сочуваме и разубавиме она што во традиција се предавало од поколенија во поколенија. Нашиот чудесен Охрид, градот на УНЕСКО со прекрасното езеро, со климентова и самоилова традиција, одамна е мека за илјадници туристи од цел свет, а работиме нивниот број постојано да расте. Ние сме еден прекрасен мозаик на добри луѓе со различна етничка и верска припадност кои негуваме прекрасен соживот и и уживаме во различностие кои ја градат нашата целина, рече Пецаков.
Нашите херои од НОВ, посочи, се добар пример кој не води во животот.
Сеќавајќи се за сите оние кои не прашувале за цена, за ризик или за смрт сфаќаме во колку подобра положба сме биле од нив. Затоа на овој ден, им изразуваме почит и се поклонуваме пред нивните дела, кои ја овозможија иднината која ние ја живееме, а за која тие сонуваа. На знајните и незнајни херои од епската ера од Народно ослободителната ера- Слава им!Нека е вечен и од Бога благословен нашиот убав град Охрид, додаде Пецаков.
На свеченоста се обрати и претседателот на здружението „Охридскиот музички еснаф“, Венко Пашоски кој го посочи херојското жртвување на многу генерации за слободата на Охрид, додавајќи дека нивната жртва е аманет и обврска да го зачуваме идентитетот и да си ја чуваме слободна и независна Македонија.
Велат дека еден народ постои се додека постои неговиот јазик, историја, традиција и култура. Тогаш ние од „Охридскиот музички еснаф“ сме на правиот пат со изработката на проектот „Охридска музичка антологија“ кој е вистински музички времеплов низ историјата, проект во кој се опеани стиховите на нашиот Григор Прличев. Овој проект е документ од музичката култура во насока на заштита и афирмација на охридската староградска музика и традицоналната македонска музика. „Охридската музичка антологија“ како завршен проект изработен е во аудио, видео и книжен формат. Тој е збирка од 31 песна од кои 20 староградски песни од Охридско-струшкиот регион, шест авторски песни со тематика за Охрид и Македонија и 5 македонски народни песни. Овој проект е успешно изработен благодароние на ентузијазмот, професионализмот и посветеноста на 25 членови на „Охридскиот музички еснаф“ и вокални солисти, додаде Пашоски.
Публиката имаше можност во продолжение да ја погледе богататакултурно –уметничка програма во рамки на која актерот Жарко Спасовски го изведе монолог „Гласот на борците“, а се одржа и концерт на охридскиот музички еснаф „Охридски музички времеплов“.

Фото галерија:
Свечена академија „Охридска музичка антологија“
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска




























