Централната свеченост по повод одбележувањето на 7ми Ноември- Денот на ослободувањето на Охрид, се одржа во големата сала на општина Охрид. На свеченоста се обратија градоначалникот Јован Стојаноски и претседателот на Општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ за општините Охрид и Дебрца Гоце Георгиески.

– Денеска,со пиетет го чествуваме овој голем ден и им оддаваме должна почит на сите  храбри борци  кои учествуваа во ослободувањето на  Охрид, а особено  на оние кои ги дадоа своите животи за слободата. Ние, како генерација сме одговорни да го почитуваме она што со крв е спечалено, да ја чуваме слободата и независноста и да ја развиваме сопствената држава. Херојските подвизи на борците против фашизмот, нека ни бидат завет дека никогаш нема да ги заборавиме и дека нам и на идните поколенија ќе ни бидат инспирација за надминување на препреките во чекорењето по патот за попросперитетен Охрид. Ве уверувам дека ние, новата Локалната самоуправа како одговорна власт, макотрпно и посветено ќе  работиме, врз темелите на досега направеното, постојано да надградуваме нови дела кои ќе  остават белег во современиот развој на Охрид, рече градоначалникот Јован Стојаноски.

Претседателот на Општинската организација на Сојузот на борците од НОАВМ од општините Охрид и Дебрца Гоце Георгиески рече дека на олтарот на слободата на нашиот град, останаа  на вечна стража четириесетина храбри борци, а шеесетина беа ранети. Кон нив, како што рече Георгиески, треба да се однесуваме со почит и респект.

– Сега кога имаме слободен Охрид и самостојна македонска држава, нашата најголема одговорност е да не дозволиме нивните жртви да станат залудни. Храброста се покажува тогаш кога треба да се даде животот за својата татковина, но храброста се покажува и тогаш кога треба да се покажува и тогаш кога треба  да се преземе одговорноста и да се работи во полза на нејзината иднина. Минатото го паметиме, историјата ја почитуваме, иднината ја градиме. Само решително и сложно, единствени, сплотени и обединети, со добри намери и јасна заедничка цел, лесно ќе успееме да го најдеме патот до неа. Патот до модерна, перспективна и европска Македонија, патот за Охрид, како подобро место за живеење за сите граѓани- рече Георгиески.

Свеченоста започна со интонирање на химната на Република Македонија во изведба на Ивана Коскоска, а следеше документарен видео запис за ослободувањето на Охрид од режисерот Илија Пиперкоски.Во културно-уметничката програма настапија  учениците од охридската гимназија Ана Филипче, Сретен Стрезоски и Мартин Пулески со поетскиот рецитал „Очи“, музичката група „Сарај“ , студентот по хармоника Петар Кочоски и  флејтистката Ана Матеска од Основното музичко училиште „Методи Патче“ во придружба на професорката Ирена Веруш.