Со пригодна свеченост, денес, во просториите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), беше одбележан 80- тиот роденден на охриѓанецот, академик Цветан Грозданов. По тој повод пред присутните се обрати претседателот на МАНУ, Таки Фити, кој истакна дека Цветан Грозданов е најеминентниот историчар на уметноста, византолог со европска и светска репутација и врвен научник, чие дело и донесе престиж и репутација на Македонската академија на науките и уметностите.

– Делото на академик Цветан Грозданов е грандиозно, величенствено, како според временскиот период на истражување, така и според ипозантноста на неговиот научен опус и особено според неговата научна скрупула и меѓународно потврдена и призната оригиналност, рече Таки Фити. Научниот опус на академик Грозданов содржи над 300 трудови и опфаќа векови, хронолгија која се протега од најраните пројави на старословенската култура и уметност, преку доцниот среден век и епохата на преродбата од 19 век, па се до денес.

Покрај академик Фити, за научниот опус на Грозданов зборуваа и академик Георги Старделов и проф. д-р Сашо Цветковски, научен советник во Истражувачкиот центар за културно наследство при МАНУ. Во рамки на свеченоста беше прикажан и филмот на МРТ „Меѓу иконите и фреските“ снимен по повод 80 години од раѓањето на Грозданов.

Цветан Грозданов е роден во 1935 година во Охрид. Дипломирал и докторирал на Филозофскиот факултет во Белград, на групата за историја на уметноста. Специјализирал историја на византиската уметност во Париз. До пензионирањето, во 2001 година, бил редовен професор на скопскиот Филозофски факултет. Член е на МАНУ од 1991 година.
Грозданов беше првиот министер за култура на Македонија и поранешен Претседател на Македонската академија на науките и уметностите во периодот од 2004 до 2008 година.

OhridNews