Со театарската претстава „Вујко Вања“ вечерва на сцената на Антички театар ќе се спушти завесата на 62-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
Директорката на фестивалот, Наташа Поповиќ на денешната прес конференција истакна дека реализирано е уште едно успешно „Охридско лето“, а низ 40-те фестивалски денови можеше да се видат големи музички ѕвезди, врвни театарски престави, премиери, настани за кои се бараше карта повеќе, но и гости од целиот свет.
Бевме сцена на која се прикажаа многу новитети во третманот на уметноста, во новите естетики, во новите видувања на уметничките дела. Врвни светски уметници настапија и на вечерите организирани со поддршка на Амбасадите од кои ги добивме и најголемите пофалби за беспекорната организација. Реализиравме фестивалско издание кое ги задоволи вкусовите и на најпребирливата публика. На сцените на Античкиот театар, црквата Св.Софија, Предворјето на Св. Софија, Долни Сарај и Центарот за култура со одржаа 36 концерти, 9 театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма. Настани кои беа проследени од над 20 илјадна публика која уживаше во секоја една вечер, додаде Поповиќ.

Музичкиот селектор на фестивалот Бисера Чадлоска истакна дека музичкиот дел на фестивалот се заокружи со вчерашниот концерт посветен на маестро Александар Џамбазов, потенцирајќи дека претходно имаше 30-тина музички настани на кои настапија квалитетни уметници.
Посебно сум горда на нашите македонски уметници кои се покажаа во најдобро светло и докажаа дека можат да се носат рамо до рамо со сите светски музичари на ова време. Она што мене ме импресионираше е квалитетот на гудачките квартети кои настапија оваа година, тука се и пијанистите Лука Дебарг, Валентина Лисица и Стивен Бјус. Се радувам што имавме задоволна публика, но и на одзивот на уметниците кои беа присутни на фестивалот. После секој концерт во разговор со нив тие беа импресионирани прво од градот, но беа презадоволни и од приемот. Тие што доаѓаат прв пат не веруваа дека ќе наидат на ваква убавина. Тоа само ги инспирираше да направат поубав настап. За догодина ќе дадеме се од себе, да се надминеме себеси и да направиме уште подобро фестивалско издание, додаде Чадлоска.
Драмскиот селектор Сања Арсовска потсети дека во драмскиот дел од програмата имаше 10 претстави, од кои шест беа домашни и четири интернационални, но и рекорден број претстави од жени режисерки, а ја потенцираше и посетеноста која дава, како што рече, еден порив, силна желба за следната година да има уште поголема и подобра програма.
Вечерва на затворањето на Фестивалот го имаме Југословенски драмски театар – Белград со театарската претстава „Вујко Вања“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Егон Савин. Сведочејќи на целиот емотивен хаос и една колективна хистерија во која владее некако да се има Чехов во тетатрската програма, на Фестивалот си дојде природно, затоа што Чехов претставува еден вектор кој ја одредува количината на несреќа и квалитетот на болка и никој како него не може да го опише тој жеден мазохист за страдање кој се наоѓа во нашите мали, бедни и промашени животи, како и оној порив да се направи нешто, да се тргне некаде, а без притоа да се направи ниту еден чекор. „Вујко Вања“ е уште едно дело коешто зборува за емотивните фрустрации, несреќните љубови и за немоќта да се вратат и поправат работите кои донеле до некое емотивно мртвило и автодеструкција, додаде Арсовска.
Директорката на Југословенскиот драмски театар Белград, Тамара Вучковиќ Манојловиќ потенцираше дека станува збор за театар кој настанал во далечната 1947 година со идеја да ги собере на едно место најдобрите уметници од целата земја и тоа е континуитет и ден денес.
Југословенскиот драмски театар има сериозен континуитет во меѓународната соработка, учествува на фестивали ширум светот и разменува претстави со театарски куќи од целиот свет, од Јужна Америка преку Европа, Русија, до Кина. Она што е исто така важно да се каже, е дека Егон Савин е еден од најеминентните режисери кој работи во целиот регион и редовно во Југословенскиот народен театар. Голема благодарност до директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ и се надевам дека соработката ќе се продлабочи, рече Вучковиќ Манојловиќ.

Чехов од некои причини е писател за човечката интима и тешко е да се игра на големи сцени и на отворен простор зашто тој во својата природа е камерен писател и неспоредливо е поважна импресијата од експресијата. Веруваме дека сме направиле добра претстава и ќе вложиме огромен напор да го совладаме огромниот атрактивен простор на Античкиот театар и да да се обидеме да го доловиме тој интимен свет, приказната за малите промашени луѓе кои чувствуваат празнина, додаде Савин.
Претставата „Вујко Вања“ вечерва ќе се одигра со почеток во 21 часот.
Инаку, Југословенскиот драмски театар од Белград со театарската претстава „На отворено море“ од Бранислав Нушиќ, а во режија на Егон Савин, го затвори и минатогодишното 61-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
Н.С.Ј.














