Корените за обичаите и верувањата за Христовото воскреснување се во црковното учење, иако за овој празник се измешани доста примеси додадени од народот. На Велики Четврток, народно верување е во кошница да се носат јајца и облека за да преноќат во црква, деновиве кога се потсеќаме на предавството Христово, неговото судење, распнување и страдање. – Тоа не е црковно правило, но сепак и не се коси со црквата, вели Отец Сашо Ристески, парохиски свештеник во црквата Свети Никола, Долна Влашка Маала.


Во среда се одбележува предавството Јудино, во четврток тајната вечера и распнувањето, кои се основа за светата богослужба.

Во петок се одбележува опелото Христово кога тој се наоѓал во гробот, а симболично се претставува со платно на кое е извезан и претставен Хрисотс положен во гроб и како неговата мајка и следбениците го оплакуваат. Во петок, вечерта, во сите храмови симболично се врши оплакувањето и плаштеницата се положува на маса, украсена со цвеќиња. Таа потоа симболично, претставувајќи го Христовиот гроб, три пати се врти околу храмовите, а потоа повторно се положува на масата која го означува гробот. Луѓето се провираат под симболичниот гроб, и се верува дека со тоа врват под гробот Христов кој ја претставува капијата за во вечниот живот- воскресението. Се верува дека на тој начин докажуваме дека ќе совоскреснеме со Бога.


До Велика сабота на полноќ, владее тишина, сите се во тагување и оплакување. Затоа што оној кој бил изворот на животот е во гроб. Во недела на полноќ со громогласно биење на камбаните се објавува најрадосната вест- Христос воскресна, смртта е победена, означен е влезот во вечноста.


Неизбежно е да се спомнат телесните пости, кои се поголем број верници ги почитуваат. Отец Сашо напоменува дека не е доволно да се пости само последната седмица до Велики Петок или првата недела, и потоа да се причестат.

Треба да се знае дека тоа е подвиг пред Бога. Подобро и само тие денови да се пости одколку воопшто тоа да не се направи, тоа е толеранцијата која ја прави црквата за да ги поттикне верниците на таков подвиг. Сепак, според црквата, најдобро е телесните пости да траат цели 6 недели, додавајќи ја при тоа и страсната седмица, зависно од духовната и телесна моќ на верниците. Оние кои не можат без масло, тоа треба да го направат со совет од свештеник и исповед. И тој да им го ублажи постот, вели Отец Сашо. Тој додава дека суштината на постот е да го смири телото, да го подистошти и кога телото е смирено, духот го надјачува и контролира телото. Телесниот пост е  нераскинливо поврзан со духвниот пост.



За црвената боја со која се вапсуваат Велигденските јајца, се верува дека тоа е симболиката на крвта која Христос ја пролеал при неговите страдања, крвта со која биле натопени камењата каде бил положен. Постои и верување дека Марија Магдалена, првата жена која била еднаква со мажот, прва вапсала црвени јајца и отишла до Рим да го проповеда Христијанството кај римскиот император. Таа ги делела црвените јајца на луѓето поздравувајќи ги со најславниот божествен поздрав Христос Воскресе и секој одговарал со Вистина Воскресе. Јајцето го симболизира и воскреснувањето Христово- како што се испилува пилето од јајцето, така и Христос од запечатениот гроб излегол од гробот и воскреснал. 

OhridNews