Со владината мерка за ослободување од плаќање на придонеси на работодавачите кои ќе вработат млади лица до 29 годишна возраст, до сега се вработиле вкупно 2.883 лица од кои 45 се магистри или доктори на науки, 742 вработени се со високо образование, пет со вишо, 1.718 со средно и 373 со основно образование, информираат од владата.

Во периодот од кога мерката е на важност 1.735 компании побарале вработување на 3.004 лица, од кои што 2.883 се веќе вработени, а останатите се во фаза на вработување. Од нив 1.390 се жени. Најголем број од вкупно вработените 2.883, се вработиле на работни места на територијата на град Скопје, односно 411 лица, 144 лица се вработиле во Струмица, а 136 во Тетово.

По однос на големината на деловните субјекти во кои се вработени овие лица, најголем број од нив 1.356  се вработени во фирми кои имаат под 10 вработени, 307 лица се вработиле во фирми кои бројат од  10 до 49 вработени, 65 во фирми кои имаат од 50 до 249 вработени и седум лица се вработени во фирми кои бројат над 250 вработени.

Услов за работодавачите кои вработуваат  лица до 29 години преку оваа мерка е во нивната компанија да нема намалување на бројот на вработените на неопределено време по 31.12.2013 година, односно од јануари 2014 година па до денот на вработувањето на новите работници.
Ослободувањето од социјалните придонеси  важи за период од 12 месеци, со обврска  работодавецот да ги задржат вработените уште дополнителни 12 месеци.

OhridNews