Состојбата на оштетената земјена брана на Слатинско Езеро и натаму е сериозна. Дополнително ситуацијата ја влошува обилниот дожд, што и денеска врне во охрридско, што придонесе да дојде до зголемување на свлечиштето крај акумулацијата. Сртот на браната од која трет ден истекува вода, е спуштен за 30-на сантиметри во однос на вчера и според надлежните од Дирекцијата за заштита и спасување – ДЗС, доколку тој тренд продолжи, постои опасност да дојде до излевање на езерото.


-Истекувањето на водата од браната веќе не е толку многу голем проблем. Водата што истекува е побистра што укажува на фактот дека браната одоздола не се поткопува, но како потенцијална опасност се јавува ова слвлечиште кое може да го спушти венецот на браната, кој доколку дојде под нивото на езерото тоа ќе почне да тече, најпрвин малку. Во тој случај водата ќе почне да го носи материјалот од браната која е направена од земја, ќе направи поголем канал и тогаш може да дојде до неконтролирано излевање на вода.-изјави Љупчо Прескакулов од Дирекцијата за заштита и спасување  – Охрид.


Љупчо Прескакулов -овластен советник во Дирекцијата за заштита и спасување  – Охрид.

Специјалниот тим на ДЗС вчера успеа да отвори само еден од двата испустни вентила во езерото, но и натаму дотокот на вода од Мраморечка река е голем. Поради лошатата конфигурација на теренот и меката земја не може да се интервенира со механизација. Затоа надлежните се фокусираат на преземање мерки за заштита на луѓето и имотите во ризичните подрачја, посебно во селото Слатински Чифлик кое е најзагрозено во случај на излевање на водата од акумулацијата.

-Носиме вреќи, локалната самоуправа каде мисли да подели, поготово на тие неколку загрозени куќи во Слатински Чифлик, а какви други акции ќе се преземат треба да кажат хидроинженери, додава Прескакулов.


Охридската полиција врши обезбедување на поширокиот реон, а состојбата будно ја следат и претставници на општината Дебрца. Градоначалникот Љупчо Којчиноски изрази загриженост за ситуацијата, особено што вечерва се интензивирале врнежите од дожд. На терен постојано се и претставници на Центарот за управување со кризи, како и од надлежните министерства и институции.


Акумулацијата покрај Слатино е изградена во 1963 година и се користи за наводнување на земјоделските површини во Дебрца. Таа акумулира околу 1.4 милиони кубни метри вода. Во случај да попушти земјената брана се проценува дека неконтролирано ќе се излеат околу 700.000 кубни метри вода кои се проценува дека ќе уништат голема површина плодно земјиште во атарите на селата Слатино, Слатински Чифлик и Издеглавје.