Со речиси два часа задоцнување, поради невремето проследено со дожд што вечерва го зафати Охрид, на Античкиот театар започна церемонијата на свеченото отворање на 52-то издание на најголемата културна манифестација во земјата, фестивалот „Охридско лето“, што се одржува под покровителство на претседателот Ѓорѓе Иванов.
Невремето го пролонгира и почетокот на театарскиот спектакл Ромео и Јулија во режија Дејан Пројкоски, бидејќи влажната сцена им создаваше проблеми на околу 200 уметници колку што учествуваат во најголемиот проект во историјата на фестивалот. Со вонредни напори на организаторот сцената сепак беше оспособена.
Инаку, Љубителите на уметноста годинава на Охридско лето ќе имаат можност да проследат 50-на музички и театарски настани, кои ќе се одвиваат на сцените на Долни Сарај, Античкиот театар, црквата Света Софија и нејзиното предворје, но и во Заливот на коските.
Во драмскиот дел, предвидени се 9 претстави, од кои 5 се премиери, а има и две преизведби.
Внимание привлекува и музичката програма, која и оваа година во Охрид носи светски признати уметници од различни жанрови и стилови. Покрај класичните концерти, и оваа година нема да изостанат и настаните наменети за пошироката публика, но и ексклузивни настани и своевидни пектакли кои ќе се случуваат на древниот Антички театар.Посебно внимание привлекува настапот на доминиканскиот пијанист Мишел Камило, чиј концерт е закажан за 16 јули, како и словенечкиот вокален состав „Перпетум Џезиле“ кој ќе настапи на роденденот на фестивалот – 4 август.
Фестивалската завеса се спушта на 20 август со настапот на италијанските уметници Енрико Диндо –виолончело и пијанистката Моника Катароси, кои ќе настапат во катедралната црква Св. Софија.
OhridNews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com