Со најновите измени на Законот за градежно земјиште кои се во Владина процедура како и со новото Упатство за физичка делба на градежно земјиштекое стапува на сила од 25.07.2016 година, физички и правни лица сопственици на станови или деловни простории во етажна сопственост (зграда со два или повеќе станови, деловни простории, визби, гаражи и други посебни делови што им припаѓаат на две или повеќе лица, согласно со одредбите од Законот за сопственост и други стварни права) востановуваат права и обврски на заедничка сопственост на градежното земјиште, информираат од Агенцијата за катастар на недвижности.

Заедничката сопственост на градежното земјиште на повеќе лица вклучува право на заедничко наменско користење на земјиштето кое не може да се дели во рамките на градежна парцела, а се пренесува со правото на сопственост на станот односно објектот. Во случаите кога физички и правни лица сопственици на посебни делови делови од објект или објект кој е во етажна сопственост (зграда со два или повеќе станови, деловни простории, визби, гаражи и други посебни делови што им припаѓаат на две или повеќе лица, согласно со одредбите од Законот за сопственост и други стварни права) го пренесуваат правото на сопственост на посебниот дел од објектот или делот од објектот, задолжително се пренесува правото на заедничка сопственост на градежното земјиште на новиот сопственик на посебниот дел од објектот или делот од објектот, потенцираат од агенцијата.

Додаваат дека согласно наведеното, физичка делба на градежно земјиште може да се врши во сите случаи, освен во случаите кога физички и правни лица се сопственици на посебни делови од објект или објект во етажна сопственост во кој случај градежното земјиште не може да се дели во рамките на градежната парцела. Агенцијата за катастар на недвижности изготви упатство кое е доставено до Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи како и до Нотарската комора на Република Македонија, се со цел поедноставување на работата и појаснување на начинот на вршење на  физичките делби на градежното земјиште.

Од агенцијата објаснуваат дека ваквите измени се извршени поради појавата-определени инвеститори на колективни станбени згради на купувачите на станови, при купопродажбата на станот, да не им продаваат и дел од градежното земјиште, иако е тоа законска обврска. По продажбата на станот инвеститорите правеле физички делби на начин што земјиштето под зградата го двоеле во една катастарска парцела додека паркинг местата во друга катастарска парцела. По ова двоење на сопствениците на станови им забранувале да ги паркираат своите возила на постојните паркинзи, односно барале од нив да плаќаат закупнина или да си ги купат паркинг местата кои инвеститорот морал да ги изгради за воопшто да добие одобрение за градба.

OhridNews