Како што информираат од СВР- Охрид , секторот располага со доволен број полициски службеници кои високопрофесионално ќе се погрижат за одржување на безбедноста во текот на празничните денови, особено за дочекот на новата година.

–    Централното градско подрачје каде ќе има организирана прослава ќе биде покриено со доволен број полициски  службеници, а ќе бидат поставени и полициски пунктови на неколку места кои сметаме дека ќе се најфреквентни за новогодишната ноќ. Полициско присуство ќе има и околу угостителските објекти во кои ќе се слави, а се со цел да имаме безбедна новогодишна ноќ и мирна прослава, вели портпаролот на СВР- Охрид, Стефан Димоски.

Што се однесува на пиротехничките средства, чија употреба е особено зачестена за време на празничните денови, Димоски потенцира дека деновиве се вршат засилени контроли кои резултираа и со запленување на над 25.000 пиротехнички средства кои одредени правни и физички лица се обидувале да ги пласираат до купувачите.

–    Радува фактот што од година во година се намалува бројот на лица кои нелегално продаваат пиротехника . Минатата година, беа пронајдени околу 30.000 петарди и пиротехника, а во  2010 година 70.000 само на подрачјето на општините Охрид и Струга. Ова покажува дека има континуиран пад на злоупотребата и нелегалната трговија на овие средства, чија употреба е исклучително опсна  по здравјето на граѓаните, особено децата, нагласува Димоски.

Т.К.