300 новозапишани студенти на Факултетот за туризам и угостителство, денес, ги добија своите индекси со што и официјално станаа дел од оваа реномирана високообразовна установа.
Во третиот уписен рок што ќе се одржи утре, се очекува да се пријават уште триесеттина студенти. И оваа година, како и изминатите, најголем интерес за запишување имало на насоките Царина и шпедиција и осигурување. Но, како што потенцира Коруноски, она на што треба да се поработи во идниот период е зголемување на свеста на студентите за можностите кои ги нудат и студиските програми- хотелско ресторантски менаџмент и насоката гастрономија, исхрана и диететика.
– Мора да се поработи на свеста на студентите дека тоа се исклучиво атрактивни програми и едноставно многу барана струка на пазарот. Меѓу оние студенти кои завршиле на овие студиски програми нема незапослени, затоа мора да се пробие бариерата и да се прошири интересот и за овие многу значајни насоки за изучување, вели Коруноски.
Новина на ФТУ од годинава е студиската програма- менаџмент во услужен сектор која опфаќа промотивен менаџмент и менаџмент во културата, со што студентите ќе имаат можност да ги изучат и вештините околу менаџирањето со културното наследство.
Со пригодна свеченост , денес, беше одбележан и првиот час од новата студиска година на универзитетот „Свети Апостол Павле“. Како што истакна ректорот ,професор д- р Нинослав Марина , годинава забележан е најголем број на новозапишани студенти на кои им се нудат и нови наставни програми .
– Продолжува и соработката на универзитетот со професори од странство кои ќе предаваат кај нас. Се финализираат договорите со двајца професори од Турција и Италија, а во преговори сме со уште неколку професори од странство, кои имаат дипломирано на престижни универзитети во светот, рече ректорот Марина .
Студентите на „Св. Апостол Павле“ ги поздрави и градоначалникот Никола Бакрачески кој им посака успех во студирањето.
– Се надевам дека од оваа установа ќе произлезат што поголем број квалитетни кадри кои во иднина ќе го предводат развојот на Охрид, рече Бакрачески.
На „Св. Апостол Павле“ во новата академска 2013/2014 година се запишани 113 нови студенти, а оваа бројка се очекува да се зголеми по утрешниот, последен рок за запишување.
Т.К.