1 915 000 црна икра се собрани во годинашниот период од 21-ви јануари па се до 20-ти март, кога се вршеше ловот на пастрмка со цел обезбедување матици за вештачкиот мрест на овој ендемски вид во Охридското Езеро.
Како што информираат од Хидробиолошкиот завод, споредено со минатата година бројот на собрана икра е зголемена за 30 отсто, а тоа се должи на добрата физичка обезбеденост на рибните плодишта од страна на концесионерот „Пастрмка 2012“.
„На тој начин се покажа исправна одлуката на Владата да се додели езерото под концесија, бидејќи сите утврдиме дека државата не може да биде добар господар на ваквите рибни фондови, поготово во природните езера. Од друга страна, зголемена физичка заштита придонесува за зголемување на популацијата на пастрмката, бидејќи рибокрадството е драстично редуцирано.“ – вели Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот завод.
Од 2004-та година, за потребите на вештачкиот мрест се користи методот „фати-пушти“, а овој чин се применува и од страна на албанската страна.
„Матиците кои се ловат за овој вештачки мрест, се анестезираат, се цеди нивната икра, односно млечта, а секоја матица се мери и се бележи на соодветен начин. Потоа следи реанимација која трае околу половина час во друга вода, па пастрмките се враќаат назад во езерото на далечина од 2км од брегот и на длабочина од околу 200 метри. На тој начин им овозможуваме на оние единки кои ја завршиле нагонската потреба за природен мрест, да се отстранат од понатамошно ловење и да заминат во слободните води на езерото.“ – додава Спиркоски.
Од Хидробиолошкиот завод велат дека се прават напори за разрешување на проблемот и усогласување на законските регулативи и начини на работа помеѓу Македонија и Албанија, со цел рибниот фонд во Охридското Езеро да биде зголемен.
„Ние како институција сме во постојани контакти со нашите албански колеги од аспект на стручност и сите имаме една генерална согласност. Имаме направено заеднички програми за тоа колку треба да порибуваме во Македонија, а колку во Албанија.“ – истакнува Спиркоски.
Тој потенцира дека напорите кои оваа институција ги прави заедно со државата, имаат цел да го зголемат фондот на пастрмката во Охридското Езеро, но и да го решат деценискиот проблем со рибокрадството во соседна Албанија.
„Во македонскиот дел од езерото, драстично е редуцирано рибокрадството благодарение на концесионерот. Останува делот на употреба на слеп алат од албанска страна, односно мрежи кои се користат за лов на пстрамка, а се под дозволените граници на маломерност. Така се ваѓаат голем број на млади единки, кои не оставиле зад себе потомство и на тој начин се намалува целата репородуктивна моќ на популацијата на пастрмката. Сите сме убедени дека со натамошно оддржување на физичката заштита на езерото, ќе се доведе до многу брз преврат околу сосотјбата на пастрмката.“ – додава Спиркоски.
Процесот на вештачки мрест трае околу 11 месеци, со оглед на тоа што под него се подразбира ловот на матиците, собирањето икра, инкубација на истата, одгледување на малите рипчиња, достигнување зрелост и нивно пуштање во езерските води.
Инаку, неколку месеци откако Охридското Езеро доби свој стопан, незаконитиот риболов е драстично намален за околу 90 отсто. Со стотици успешни акции и конфискувани повеќе километри мрежа, концесионерот „Пастрмка 2012“ ја најави борбата против рибокрадците.
O.T.












