Собранието ги отфрли сите иницијативи за распишување на референдум што до Собранието ги поднесе претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов, пренесува „Макфакс“.

„За сите четири иницијативи поединечно, овластениот предлагач на предлозите на граѓаните Стојанче Ангелов, е известен дека Собранието не може да распише референдум на државно ниво, односно по сила на закон доставените предлози се беспредметни. Иницијативите за распишување референдум не се во согласност со закон. Имено, во членот 28 став 1 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните  таксативно се наброени прашањата за кои не може да се распише референдум на државно ниво, а тоа се прашањата што се однесуваат на: Буџетот на Република Македонија и завршната сметка на Буџетот, за јавните давачки, за резервите на Република Македонија, за прашања на изборите, за именувања и разрешувања. Исто така, во членот 28 став 3 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните прецизно и недвосмислено е утврдено дека референдум на државно ниво не може да се распише за прашања за кои Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија“ се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

На 22. мај 2013 година Ангелов поднесе четири граѓански иницијативи на државно ниво за распишување на референдум.

Првата е граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување на референдум на државно ниво на кој граѓаните непосредно ќе се изјаснат дали се „за“ или „против“ автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија.

Втората е граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување на референдум на државно ниво  на кој граѓаните непосредно ќе се изјаснат дали се „за“ или „против“ Законот за територијална организација на локалната самоуправа во Македонија.

Третата е граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување на референдум на државно ниво на кој граѓаните непосредно ќе се изјаснат дали се „за“ или „против“ припадниците на ОНА, кои учествувале во конфликтот во Република Македонија во 2001 година, да вршат јавни функции во Македонија.

И четвртата граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување на референдум на државно ниво на кој граѓаните непосредно ќе се изјаснат дали се „за“ или „против“ припадниците на ОНА кои учествувале во конфликтот во Република Македонија во 2001 година, да добијат посебни права утврдени со закон.

OhridNews
извор:„Макфакс“