Парламентарното мнозинство со 63 гласа „за“ вчера го усвои Буџетот за 2012 година. На гласањето, со  „против“ се изјаснија 36 пратеници од опозицијата.

Расходната страна на буџетот е проектирана на 169 милијарди денари (2,75 милијарди евра), додека приходите се предвидени на 156,75  милијарди денари (2,55 милијарди евра).

Буџетскиот дефицит се очекува да изнесува околу 200 милиони евра, што би било 2,5 отсто од БДП, кој се очекува наредната година да порасне за 4,5 отсто.

Претходно за време на собраниската расправа пратениците од опозицијата критикуваа дека Буџетот е нереален, неразвоен и осуден на пропаст.

Во одбрана на Буџетот, министерот Ставрески уверуваше дека државната каса е флексибилно скроена и е подготвена на рестриктивност на тековните трошоци.

Со усвоениот Буџет се предвидува зголемување на капиталните инвестиции за 29 отсто, со што, според владата, значително ќе и се помогне на домашната економија да се соочи со евентуалната криза.

OhridNews
Извор:,,Макфакс”