Охрид не го даваме, порача опозицискиот Сојуз на иднината на митингот што вечерва се одржа на плоштадот „Св. Климент Охридски“.


Во своето обраќање на митингот, актуелнииот градоначалник на Охрид и кандидат за трет мандат, Александар Петрески истакна дека преполниот  централен плоштад е реалната слика на Охрид,  бидејќи тука се само охриѓани, за разлика од синоќешниот собир на владејачката  коалиција на кој присуствуваа граѓани од цела држава.

-Почитувани, за разлика од синоќа, вечерва сликата е  многу поинаква. Ова е  вистинска охридска слика, ова се охриѓани, вакви се охриѓани.Ова се  граѓаните кои по трет пат ќе ми го дадат мандатот, затоа што знаат кој е од народот и  кој е за народот.-рече Петрески.


Доколку по трет пат ја добие довербата на охриѓани, Петрески најави дека ќе реализира реални проекти,  а не мегаломански идеи како „Скопје 2014“. Тој рече дека и покрај притисоците и опструкции од актуелната власт, во изминатите два мандата успеал да реализира бројни инфраструктурни  проекти, забележувајќи и на владејачката коалиција дека  се обидува неговите идеи како што се изградбата на Градскиот пазар, Автобуската станица, проектот за Галичица, спратната гаража, да ги прикаже како свои во изборната програма.

-Во оваа трка за  трет мандат  ќе се борам со себе , зошто  се конфрнтирам со противник кој едвај чекаше да е сам на избори за да може да  победи. Што да кажам за противник кој кога ја виде кастастрофалната состојба во здравството како резултат на политиката на ДПМНЕ, и кога му се виде лошо плаќањето по учинок па се реши за политика.Се спасува човекот.-истакна Петрески.


На митингот свое обраќање имаше лидерот на СДСМ , Бранко Црвенковски, кој рече дека претстојните локални изботи не се обични. Тоа ќе бидат избори на кои ќе се одлучува за иднината на државата и затоа секој глас ќе вреди двојно. На 24 март власта ќе се соочи со волјата на граѓаните, кои на претстојните избори треба да одлучат во каква Македонија сакаат да живеат, истакна Црвенковски

-На 24 март имаме можност да завршиме една голема работа, да вратиме, да наплатиме за се. За 7-те години малтретирања, притисоци, закани  и заплашувања, за сите понижувања и газења, за сите полициски и инспекциски казни без било каков основ изречени, за сите списоци за гласање со притисок направени, за сите откази и деградирања по партиска директива спроведени. Затоа што не направија земја во која  човек се плаши на телефон слободно да говори, а за политика сегде се шепоти.-рече Црвенковски.


Тој упати честитки до актуелниот градоначалник за неговата издржливост и покрај, како што истакна, големите опструкции од власта.

-Седум години оваа власт кон  Охрид се однесуваше како да е туѓ град, а не наше најголемо богатство и светилиште. Не само  што не даваше никаква поддршка, туку постојано блокираше и опструираше. Осум години оваа општина работи со блокирана сметка заради долгот од 10 милиони евра направен во претходниот период и пак општината се градеше и развиваше. Петрески покажа дека и во такви услови се можело. Замислете само 5 проценти од парите што владата ги истураше кај Коце Трајаноски, Тодоровиќ и Конески  за камења и бронза, за споменици и фонтани, за жални врби, огради на мостови, да дојдеа на сметката на општина Охрид. На што тогаш ќе личеше овој град?-запраша Црвенковски.


На митингот се обрати и претседателот на ВМРО НП, Љубчо Георгиевски, кој го повика членството во Охрид да го даде својот глас за Сојузот на иднината, затоа што претстојните локални избори, како што рече, се многу повеќе од тоа.

На 24 март не гласате само за избор на градоначалник и советници, туку гласате за иднината на Македонија. Тие ќе бидат одговор дали Македонија се движи во вистински правец и каде е таа во споредба со земјите од регионот. Одговорот го даваме сите ние со она што никогаш порано толку жестоко не сме го гледале, а тоа е масовното иселување на Македонецот од Македонија.-рече Георгиевски.


Пред охриѓани говореше и пратеникот Митре Велјаноски, кој жестоко ја критикуваше власта за, како што рече, ветените, а нереализирани проекти.

-Власта треба да даде одговор каде е автопатот од Охрид до Гостивар и Битола ветен пред седум години, каде се фискултурните сали, зошто донесе криминален закон за формирање туристички развојни зони и зошто ја прави најсрамната национализација, зошто Охрид 4 години е без болница, зошто ја затворија детската болница, каде се хотелите „Хилтон“. Наместо економска преродба донесовте економски пустош, рече Велјаноски.


На Митингот не беа промовирани кандидатите за советници од здружената опозција, бидејќи постапката за нивно утврдување се уште не е завршена.

OhridNews
фото: Емилио