В недела, во 17 часот и 30 минути на Вембли стадионот во рамките од 22-та рунда во Премиер лигата, Манчестер Јунајтед под водство на Оле Гунар Солскјаер ќе го има најголемиот тест. „Црвените ѓаволи“ во дербито на колото ќе се судрат со третопласираниот Тотенхем.

Солскјаер кој со четири победи во Премиер лигата и една во ФА купот ја започна менаџерската авантура на Олд Трафорд најави офанзивен фудбал и напад на трите бодови на Вембли.

  • Тотенхем е еден од најдобрите тимови во лигата и ние на таков начин се подготвуваме. Свесни сме за нивните предности, но јас во дресот на Манчестер Јунајтед израснав со задача да ги нападнеме тимовите без разлика против кого играме. Со таква цел ќе истрчаме и на Вембли стадионот кој нуди широк простор и одличен терен за игра. – изјави Норвежанецот.

Тој на средбата со медиумите потврди дека Пол Погба ќе биде во комбинација за дуелот против Тотенхем, а сигурно ќе го пропушти Маркос Рохо. Манчестер Јунајтед со 38 бодови се наоѓа на шестата позиција, додека Тотенхем со десет бодови повеќе е третопласиран на табелата.

OhridNews