Македонската фудбалска репрезентација, денеска, на Националната арена во Букурешт, Романија, за прв пат ќе настапи на Европско првенство и ќе го оствари долгогодишниот фудбалски сон на многу генерации.

Сонот е остварен, време е за историја, – напиша капитенот Горан Пандев на социјалните мрежи како најава за претстојните мечеви на Европско првенство. Кога фудбалер со безброј титули и големи натпревари пишува вака, што останува на сите нас, кои живееме и дишеме за секој спортски успех.

Прв ривал на Македонија во фазата по групи е селекцијата на Австрија. Земјата позната по успехот во зимските спортови е поискусна и поквалитетна на хартија, но „црвено жолтите“ со ветар во грб од навивачите можат да направат чудо уште во првиот натпревар.

Многу работи околу пласманот на Македонија, па и на Австрија на табелата во Групата Ц ќе зависат од денешниот натпревар, затоа се очекува жестока борба на секоја педа од теренот.

Натпреварот се игра во 18 часот, а цела Македонија и навивачи во Букурешт ќе стискаат палци и ќе држат среќа за „црвено жолтите“.

Напред Македонија!!!

 

OhridNews