Рано утрово, полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, го пронашла 49-годишното лице од Пештани кое синоќа, со своето возило „Алфа Ромео“ учествувало во сообраќајна незгода на регионалниот пат Охрид-Св.Наум кај Хидробиолошки завод, по што го напуштило местото на настанот. Лицето, по незгодата избегало, притоа оставајќи го автомобилот на локалниот пат кај комплексот „Инекс-Горица“.
– Во сообраќајната незгода, случена на регионалниот пат во 22 часот и 25 минути, со телесни повреди се здобил 35-годишен жител на селото Трпејца, кој по укажаната лекарска помош во Специјалната болница „Св.Еразмо“, е пуштен на домашно лекување. Сообраќајната незгода е случена во момент кога сега повредениот жител на Трпејца по десната коловозна лента од регионалниот пат, управувал возило марка „Мерцедес“ со охридски регистарски таблици и на критичното место со предниот лев бочен дел се судрил со предниот десен бочен дел од возилото „Алфа Ромео“ кое се движело по левата сообраќајна лента, во ист правец. Од силината на ударот, возачот на возилото „Мерцедес“, изгубил контрола по што, возилото излетало на десната страна надвор од патот и со предниот десен дел, најнапред удрило во електричен столб, а потоа и во и дрвен столб и во метална ограда. По незгодата, возачот на возилото „Алфа Ромео“ не застанал, туку веднаш го напуштил местото на настанот, го паркирал своето возило во комплексот „Инекс-Горица“ и избегал. На пронајдениот автомобил, полициските службеници забележале соодветни оштетувања, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
По овалстување на Јавен обвинител, на местото на сообраќајната незгода, увид извршиле полициски екипи, а двете возила, привремено се одземени за вештачење.
OhridNews












