Забрана за движење на тешки товарни возила има на патниот правец Тетово – Попова Шапка, а за сите останати видови на возила задолжителна е зимска опрема.  Поради оштетување на средниот столб на мостот на река Пчиња, на патниот правец Р2136 Ржаничино – Д.Коњаре има забрана за движење на тешки товарни возила над 7,5 тона и автобуси. Забраната за движење, поради свлечиште кај с. Ратавица, на патот Киселица – Злетово во општина Пробиштип е сеуште во тек. Поради надојдените води од реката Крива Лакавица во прекин се патните правци кон с.Степанци и с.Суво Грло

На локалниот пат од Ростуше кон Велебрдо и Требиште на неколу места има одрони од поголеми камења. На регионалниот пат од Жировничко Анче кон Бошков мост на повеќе места има одрони од камења. Штетата на мостот на патниот правец Радовиш – Штип е санирана и сообраќајот се одвива наизменично, по една коловозна лента, информираат од АМСМ. 

Сообраќајот на сите останати државни патишта се одвива без забрани, по влажни коловози. Слаб снег провејува во Крива Паланка, Попова Шапка, Маврово, Охрид, Крушево, Буково, Плетвар и Пресека. Во останатиот дел од Македонија има слаби врнежи од дожд.

На возачите им се препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.

OhridNews