Под наслов „Соопштенијата на ОНА и униформирани лица-дефокусирање на јавноста или политички притисок?“, агенцијата „Макфакс“ објави анализа на случувањата поврзани со соопштение на Ослободителната народна армија (ОНА) со коешто оваа организација ја презема одговорноста за пукањето кон Владата на Македонија, униформирани лица, членови на гардата на т.н. „Република Илирида“ кои патролираат во Скопје и Тетово.

Овие информации коишто деновиве излегоа во јавноста, ги збунуваат граѓаните бидејќи не се знае кој точно стои зад соопштението, коешто може да го прати секој, а за униформираните лица сè уште нема сигурна потврда дали се работи за лажни пријави или вакви лица навистина патролираат, иако пред неколку дена заменик министерот за внатрешни работи Земри Ќамили рече дека се забележани лица со црни униформи во Тетово. Дали се работи за дефокусирање на јавноста или политички притисок?

Аналитичарот, Алберт Муслиу вели дека за шпекулации секогаш има место кога нема доволно информации од институциите.

„Сè додека Владата и институциите немаат став за инцидентот во Влада, секогаш постои простор јавноста да шпекулира и да се појавуваат вакви информации. Институциите треба да бидат потранспарентни за инцидентот. Тие даваат изјави за многу мали работи, а кога е во прашање ваков инцидент, немаат информации. За унформираните лица, навистина не знам. Јас секој ден патувам од Тетово во Скопје и не сум сретнал досега“, вели Муслиу.

Тој додава дека полицијата треба да провери дали станува збор за лажни пријави, и ако се лажни, да ги гони тие што лажно пријавуваат или станува збор за вистинити пријави.

За пукањето кон Влада, кога два проектила завршија во фасадата на Владата, официјално не е познат типот на оружјето од кое е пукано, ниту местото од каде што е пукано.

Министерството за внатрешни работи, пак, интензивно работи на расветлување на инцидентот за да обезбеди докази за откривање на сторителот или сторителите во координација со јавното обвинителство, за откривање на нивниот идентитет и за нивно лишување од слобода.

„Се проверуваат сите оперативни информации и сознанија“, велат од МВР.

За нив не е соодветен доказ коминикето испратено до телевизијата Алсат – М, бидејќи вакво соопштение може да прати секој.

До Jавното обвинителство каде што се води истражната постапка за нападот врз зградата на Владата не е пристигнато никакво известување за преземање на одговорноста за настанот што се случи на 28 октомври.

„Извршено е вештачење на проектилите, побарани се снимки од околните објекти“, велат од Обвинителството.

Во  соопштениетo испратено до телевизијата Алсат-М, вчера, на коешто се наоѓа амблемот на ОНА, се вели дека нападот го извршила нивната елитна единица „Хасан Приштина“ на 28 октомври, а како што се додава натаму во текстот, цели биле зградата на Владата, на Судот, а биле предвидени акции и врз полициски станици.

„Вечерта на 28 октомври, од 20:30 часот до 21:00 специјалните единици ’Хасан Приштина’ координирано ја нападнаа зградата на Владата, Судот и во фокусот беше напад врз една полициска станица во Скопје. Нападот врз ПС во Скопје не се случи за да не дојде до човечки жртви“, се вели во соопштението на ОНА потпишано од страна на извесен Куштрими.

Во соопштението се наведува дека не се задоволни од спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и ги повикуваат да реагираат меѓународните институции.

Ова не е првпат ОНА да презема одговорност за инциденти што се случиле во Македонија. Слично вакво соопштение беше испратено и пред четири години кога имаше престрелка меѓу полицијата и униформирани лица кои чуваа огромно количество на оружје на Блаце.

„Се информира албанската јавност во БЈРМ дека на ден 28.04.2010 кај месноста Студен на Скопска Црна Гора каде се наоѓал пункт за снабдување на ОНА, нашите војници наидоа на заседа на вооружените сили на славомакедонците“, се вели во едно од соопштенијата.

Во соопштението имаше неточна информација дека во престрелката бил убиен полициски специјалец, информација што МВР експресно ја демантираше. Полицијата тогаш откри дека Авни Селими и неговото соопштение на ОНА со кое ја презема одговорноста за Блаце е испратено преку сервер од Швајцарија.

По коминикето со партиски став се огласи владејачката ДУИ која ги повика граѓаните да не подлегнуваат на провокации. Според ДУИ, ОНА има еден легитимен командант. „Лидерот на војната во Македонија беше и засекогаш ќе остане Али Ахмети“, стоеше во реакцијата на ДУИ.

По неколку дена имаше уште една престрелка меѓу полицијата и криминална група во реонот на Радуша и Рашче, додека полицијата вршеше контрола на возилата кои поминувале на патот. Комбе „мерцедес спринтер“ не ја послушало наредбата на полицијата да застане и отвориле оган кон полицајците. Убиени беа сите лица во комбето, во обид да пренесат оружје од Косово во Македонија.

Тогаш беше убиен и Харун Алиу, кој беше осуден на доживотен затвор за убиство на специјалецот Зоран Марковски, припадник на групата на Лирим Јакупи – Нацист, како и обвинет во хашкиот случај „Мавровски работници“.

Тогаш коминикето се покажа како нерелевантно, сега полицијата треба да испита кој стои зад вчера испратеното соопштение.

OhridNews
извор:„Макфакс“