Сопствениците на глисери, чамци, јахти коментираат дека крајно време е надлежните да го решат овој проблем.

– Преку година дел од нас ги оставаат пловилата паркирани во каналот кај Билјанини извори, каде и нема соодветно обезбедување за пловилата. Останатите се принудени да ги чуваат во сопствените гаражи. Добивме информација и дека за наредните четири години, поради големиот број пловила, просторот во каналот е целосно исполнет па повеќе нема ниту едно слободно место. Од друга страна, поради несоодветните услови, секојдневно во водата се излева гориво, при полнењето на резервоарите на пловните објекти, затоа што сме принудени тоа да го правиме со канти, а не како во секое современо туристичко место тоа да е уредено со поставени пумпи за полнење гориво, велат тие.
И за овој проблем надлежните одговорноста ја префрлаат од едни на други.
Од локалната самоуправа објаснуваат дека надлежни за изградба на марина е министерството за транспорт и врски, кое стопанисува со крајбрежјето.
Од министерството пак велат дека чекаат на измени на деталниот урбанистички план кој го опфаќа крајбрежјето каде би можело да се изгради марина, бидејќи постоечкиот сеуште не предвидува нејзина изградба.
Како можни локации за марини веќе се спомнувани постојното градско пристаниште, месноста Грашница и каналот Студенчишта.











