Со потпишување Меморандум за соработка помеѓу Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, потпишан од проректорката проф. д-р Устијана Речкоска Шикоска и в.д. директорката м-р Ирена Шајн, се формализираше соработката на институциите која постои подолго време.
Проектот насловен како „Јакнење на капацитетите за управување со културното наследство на Oхридскиот регион: Обука за развој на бази на податоци и ГИС-платформа за недвижно културно наследство за Заводот и Музеј – Охрид “, во соработка и иницијатива на м-р Горан Патчев – виш конзерватор во НУ Завод и Музеј – Охрид, беше повод за потпишувањето на овој Меморандум. Проектот вклучува низа на активности, вклучувајќи ја организацијата на „Регионалниот реставраторски камп” во соработка со „Културно наследство без граници – Албанија”, информираат од Универзитетот.
Воедно додаваат дека денес во 09:30 часот, во амфитеатарот на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле”, ќе се одржи презентација на идните активности на кампот, а присутните ќе имаат можност и да се запознаат со експертите вклучени во проектот.
OhridNews