Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска оствари средба со амбасадорката на САД во Северна Македонија, Ангела Агелер. За време на пријателската средба се дискутираше за техничка и научна соработка за заштита на Охридското Езеро, природно и културно богатство кое е заедничко за Северна Македонија и Албанија, информираат од Министерство за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Целта на соработката е подобрување на квалитетот на водата, управување со рибниот фонд и развој на одржлив езерски туризам, посочуваат.
Во текот на 2024 година, додаваат, двајца американски експерти спроведоа теренски посети и двонеделни средби во регионот на Охрид за да ја оценат актуелната состојба.
Извештајот од таа посета содржи неколку конкретни препораки, меѓу кои: зајакнување на капацитетите на Хидробиолошкиот институт преку модернизација и поддршка на научниот кадар, создавање национална долгорочна програма за лимнолошки мониторинг и рибниот фонд, развој на заеднички прекуграничен план за управување со инкубаторите и заштита на охридската пастрмка, воспоставување механизми за рано откривање на инвазивни видови, како и развој на истражувачка програма за одржлив туризам и зајакнување на улогата на граѓанските организации, потенцираат.
Во рамки на денешниот состанок, информираат од Министерството дека учествувал и проф. Џејсон Стоквел, директор на Научната лабораторија за животна средина и природни ресурси при Државниот универзитет во Вермонт, САД кој во наредните денови ќе престојува во Охрид по што ќе ги престави своите идеи за понатамошна соработка со Хидробиолошкиот институт – Охрид и другите релевантни иституции во земјата.
Меџити и Агелер се согласија дека заштитата на Охридското Езеро претставува национален и прекуграничен приоритет, а соработката со САД и меѓународните партнери ќе донесе неопходна експертиза за зачувување на ова уникатно природно и културно наследство, додаваат од МЖСПП.
OhridNews