Оставањето на Македонија пред вратите на НАТО на самитот во Букурешт поради спорот со Грција, независно oд генералната оценка дека земјата ги исполнила сите критериуми, ја втурна земјата во ретроградни политички процеси кои кулминираа со најтешка политичка криза во земјата по осамостојувањето. Ова го истакна премиерот Зоран Заев на отворањето на состанокот на иницијативата А5 на министри за одбрана на САД – Јадранска повелба што денеска се одржува во Охрид.
-Но демократските сили на Македонија со слободоумните граѓани на земјата се издигнаа над кризата и апатијата и ја вратија надежта. Граѓаните се определија за градење силна демократија, почит на човековите права, добро владеење, стратешка инвестиција, рече Заев. Тој истакна подготвеноста за надминувањето на проблемот што го има Грција со нашето име, а решение гледа преку градење на позитивна атмосфера на добросеседство и соработка со нашиот јужен сосед.
Министерката за одбрана Ррадмила Шекеринска, која е домаќин на состанокот на министри за одбрана на САД – Јадранска повелба што денеска се одржува во Охрид, во своето обраќање истакна дека Република Македонија не бара членството во НАТО да го добие како подарок, туку тоа го заслужува.
–Тоа не е ниту тоа е стекнато право, туку тоа да е резултат на посветеност, исполнети критериуми и континуирана стабилност. – рече Шекеринска.
Таа ја нагласи решителноста на Владата на РМ за решавање на отворените проблеми кои досега непотребно се развлекуваа, ги оптоваруваа односите со нашите соседи, а се наметнаа како реални пречки на нашиот пат кон евроатлантските интеграции.
-Македонија полека излегува од еден тежок период предизвикан од пролонгираната политичка криза. Период полн со предизвици, во кој граѓаните покажаа мудрост, зрелост, одважност и демократски капацитет, и недвосмислено се изјаснија за насоката кон која посакуваат земјата да се движи и стратешките приоритети, истакна Шекеринска.
На состанокот во Охрид учествуваат заменик-помошник на секретарот за одбрана на САД Лора Купер, министри за одбрана или официјални претставници на земјите членки Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија и Црна Гора, како и министерот за одбрана на Бугарија, и министрите за одбрана или официјални претставници на земјите набљудувачи, Косово, Србија и Словенија. Се очекува на состанокот да бидат донесени заклучоци во насока на унапредување на соработката на полето на одбраната на земјите од регионот и НАТО.
OhridNews















