Лекарскиот тим во Универзитетската клиника во Гренобл се бори за животот на Михаел Шумахер. Како што пренесува „Макфакс“, ноќта помеѓу понеделникот и вторникот, врз него била извршена уште една операција, со која бил отстранет хематом на мозокот. Сепак лекарскиот тим не може да даде никаква прогноза околу неговата иднина. Состојбата му е стабилна, но повредите се сеуште опасни по неговиот живот.

„Снимките кои ги објавивме покажуваат дека состојбата на Михаел Шумахер е постабилна, отколку што тоа беше во понеделникот, но таа и понатаму е критична“, потврди лекарскиот тим.

Лекарскиот тим, одлуката за нова операција ја донел во консултација со неговото семејство. Шумахер и понатаму е во вештачка кома, по операцијата лекарите биле изненадени од подобрувањето на неговата состојба, но потенцираат дека е сеуште рано за да даваат било какви прогнози.

„Шумахер е опериран, уште еднаш, во текот на ноќта, тоа беше тешка одлука. Операцијата траеше два часа. По оваа операција, многу подобро ја контролираме ситуацијата. Со оваа операција отстранивме хематом и го намаливме притисокот во мозокот. Шумахер и понатаму е во кома. Мора да бидеме реални, многу бргу работите можат да станат подобри, но исто така многу бргу можат да се влошат“, рекол на прес конференцијата главниот анестезиолог во болницата во Гренобл, Жан-Франсоа Пајен.

Шумахер во неделата, по несреќата на патеката во ски центарот во Мерибел, кога паднал тој со главата удрил во камен и се здобил со сериозни повреди. Несреќата се случила во 11:07 часот, а поради сериозноста на повредите тој бил префрлен во Гренобл, каде веднаш бил опериран и оттогаш лекарите го одржуваат во вештачка кома.

Медиумите шпекулираат дека во моментот кога паднал, Шумахер на скијачката патека се движел со брзина од 100 километри на час и дека кацигата која ја носел на главата била скршена на два дела.

OhridNews
извор:„Макфакс“