Состојбата на оштетената брана на Слатинското Езеро е непроменета. Низ насипот од земја и камења се уште тече вода, но и натаму голем е приливот на вода во Езерото од Мраморечка река.
Според последните информации добиени од Дирекцијата за заштита и спасување – Охрид обилните врнежи од дожд кој наврна изминатата ноќ дополнително ја влошиле состојбата на оштетената брана, при што дошло до зголемување на свлечиштето. Оттаму состојбата ја оценуваат како сериозна, бидејќи доколку се спушти сртот на браната може да дојде до излевање на езерото.
Количествата на вода кои истекуваат од браната се проценуваат на 4-5м3 /сек., што е приближно исто со дотекот во акумулацијата од Мраморечката река и изворите непосредно на брегот од акумулацијата. Вкупното оштетување на браната е со должина од 15-20 метри од круната на браната и со висина од околу 18 м и при тоа висината на земјениот насип во зоната на оштетувањето не е поголема од 1 м од страната на водата.
Како што информираа надлежните органи, најголема опасност доколку дојде до излевање на езерото има по земјоделските површини во атарот на селата Слатино, Слатински Чифлик и Издеглавје, а непосредна опасност има и на 4-5 куѓи во Слатински Чифлик, од каде е извршена евакуација на населението.
Состојбата будно ја следат претставници на општината Дебарца како и на СВР Охрид кои вршат обезбедување на самото место и поширокиот реон, конкретно на патниот правец од с.Издеглавје кон с.Слатински Чифлик и с.Слатино.