Министерството за труд и социјална политика го промовира новиот софтвер за администрирање на паричните давања од областа на социјалната заштита во делот кој се однесува на правото на социјална парична помош.

Целта на воведувањето на овој софтвер, како што информираат од министерството, е поедноставување и олеснување на постапката за остварување и користење на сите парични права од социјалната заштита и овозможување исплатата на средствата да се врши преку трансакциска сметка.

– Исплаќањето на правото на социјална парична помош на трансакциска сметка почна да се врши постепено во одделни општини, во текот на годината, при што се вршени контроли на секоја исплата. По согледаните позитивни резултати , од  август исплата се реализира на трансакциска сметка кај секој корисник на социјална парична помош, рече министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски.

Со ваквиот начин на исплата, како што посочуваат од министерството, се заштедуваат 43 милиони денари во буџетот на Република Македонија кои досега биле реализирани како трошоци заради извршување на целокупната исплата, односно реализација на сите обврски кои постоеле кон Македонска пошта како субјект кој ја врши дистрибуцијата на исплатата на средства.

OhridNews