Бесплатна посета на културните настани за лицата од социјално ранливи семејства, 50% попуст за младите до 27 годишна возраст и 50%  попуст за пензионерите се поволностите на најновата Владина мерка, со која ќе се овозможи поголема достапност до културните содржини во Република Македонија.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, на вчерашната промоција на проектот истакна дека поволностите ќе овозможат поголема достапност до културните содржини што ги нудат институциите од областа на културата во Република Македонија, театрите, музеите, операта и балетот и филхармонија.

– За остварување на овие цели младите до 27 годишна возраст ќе можат да го користат попустот и да ги следат културните настани доколку со себе понесат лична карта, пензионерите ќе ги користат пензионерските легитимации, додека Министерството за Труд и социјална политика за лицата од социјално ранливите семејства ќе обезбеди посебни потврди од месно надлежните центри за социјална работа, изјави Канческа-Милевска.

Министерот за образование Панче Кралев во своето обраќање истакна дека постојат бројни предности од следењето на вакви социјални и културни активности во насока на зголемувањето на знаењето на луѓето за нови работи.

– Уверен сум дека учениците и студентите ќе ја искористат оваа можност и се надевам дека содржини кои ги нудат институциите од областа на културата ќе бидат интересни и привлечни за љубителите на културата и уметноста, изјави министерот за образование и наука Панче Кралев.

Двајцата министри истакнаа дека воведувањето на овие мерки претставува дополнителна потврда за грижата на Владата на Република Македонија за поголема достапност на културните содржини до сите граѓани на земјава.

OhridNews