Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави јавен повик за давање на земјоделско земјиште во државна сопственост на плодоуживање на одредена категорија социјално необезбедени лица.

Повикот се однесува на социјално загрозените лица во струшкиот регион, Берово, Битола, М.Брод, Валандово, Гостивар, Гевгелија, Дебар, Делчево, Д.Хисар, Кочани, Кичево, Крушево, Кратово, Кавадарци, Струмица, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Велес, Штип, Г.Баба и Чаир.

Времетраењето на плодоуживањето за кое се издава земјоделското земјиште е пет години.

Право на учество на јавниот повик за доставување на понуди за давање во плодоуживање на земјоделско земјиште во државна сопственост имаат социјално необезбедени лица– корисници на правото на социјална парична помош.

Земјоделското земјиште може да се додели на плодоуживање најмногу до 4 хектари во систем за наводнување и најмногу до 8 хектари надвор од систем за наводнување.Во зависност од планираниот начин на користење на земјоделското земјиште на плодоуживање, се доделува: за одгледување на житни, фуражни и индустриски култури, за поединец – плодоуживател максимум до 4 хектари во систем за наводнување  и за здружени двајца плодоуживатели максимум 8 хектари во систем за наводнување; за одгледување на градинарски култури, за поединец – плодоуживател максимум 0,6 хектари во систем за наводнување, и за здружени двајца плодоуживатели максимум 1,2 хектари во систем за наводнување.

OhridNews