Во пресрет на одбележувањето на празникот Богојавление – Водици, екипите на Црвениот крст Охрид традиционално ќе бидат присутни на манифестациите на 19-ти, односно 20-ти јануари. Тимовите составени од лекари, волонтери и спасители, преку низа активности ќе се обидат да одговорат на предизвиците и зададените задачи.

Според претседателот на Општинската организација на Црвениот крст, Сашо Точко, примарната цел е насочена кон превенција и спречување на немили настани.

Со оглед на тоа што прогнозите покажуваат дека ќе имаме доста силен ветер и разбранувано езеро, очекуваме сите оние кои ќе учествуваат на оваа манифестација како капачи, да ги почитуваат препораките од нашите тимови. Само така,  овие два настани ќе поминат без последици. Температурата на водата е релативно ниска, односно изнесува 9.5 Целзиусови степени. Додека на воздухот, се движи околу нулата.“ – вели Точко.

За сите оние оние кои планираат да влезат во студените езерски води, препорачливо е да се запознаат со содржината на едукативниот флаер што го подготви Црвен крст. Во него се наброени ризиците, односно насоките по кои капачите треба да се однесуваат. Според Точко, треба да се избегнува конзумирањето алкохол, како би се спречила хипотермијата.

Алкохолот повеќекратно ја намалува температурата на телото. Кога ќе се напиеме алкохолен пијалак, чувството на топлина е само површинско. Крвните садови се шират, а топлината побрзо излегува од телото. Иако делот на пристаништето каде ќе се фрла крстот е исчистен, пожелно е сите капачи да носат обувки. Исто така, едукативните флаери кои ги делиме заедно со пријавата,  содржат насоки како да се укаже прва помош во случај на хипотермија или губење на свеста.“ – потенцира Точко.

Црвениот крст, на терен ќе излезе со 6 медицински екипи, 8 тимови на спасители на вода и нуркачи. За време на главната манифестација на 19-ти, традиционално ќе се одвива крводарителска акција.

Екипите на Црвениот крст, ќе бидат расподорени покрај пристаништето, на бродовите и во делот кај што ќе влегуваат капачите. Спасувачките екипи, ќе бидат поставени да можат безбедно да интервенираат. На платото меѓу ресторанот „Чун“ и капетанијата, трансфузиолошките тимови од Охрид и Скопје ќе земаат крв од хуманите луѓе. Се надеваме дека оваа година, ќе ја надминеме онаа бројка од 100 крводарители.“ – истакнува претседателот на ОО ЦК, Сашо Точко.

На манифестацијата, оставен е посебен дел за лицата со хендикеп, кои ќе бидат придружувани од волонтерите на ЦК.  Според протоколот, и оваа година делегациите од дипломатскиот кор ќе бидат пречекани и придружувани од претставниците на оваа организација. „Нашите хостеси ќе ги пречекуваат делегациите. Водачите кои ќе бидат достапни на дипломатскиот кор, имаат познавање од соодветните странски јазици, односно одлично ја познаваат целата традиција за „Водици“. Договорено е каде ќе се носат, која црква ќе ја посетат и каде е нивното место во вип ложата.“ – вели Точко.

Оваа година, ќе има посебно обележано место каде што стојат капачите. „Ќе биде поставена лента, преку која никој не ќе смее да влегува додека не биде фрлен крстот. Целата манифестација ќе се снима, а доколку има нејаснотии и нечесни работи, нема да се изведат почестите кои следуваат за фаќачот на крстот.“ – потенцира Точко.

За Денот на рибарите на 20-ти, дел од рибината чорба ќе биде дониарана на социјално загрозените семјства, односно пациентите во Кардиолошкиот завод. „Во делот на социјално хуманата сфера, на лицата од социјално загрозените семејства кои се хранат во народната кујна, ќе им биде доделена поголема количина од чорбата која ќе се подготвува за рушење на Гинисовиот рекорд. Исто така, дел оваа храна ќе биде донирана во Кардиолошкиот завод при општата болница.“  – додава Точко.

За крај, Точко апелира до сите граѓани да бидат совесни и да ги почитуваат препораките од тимовите на ЦК. „Апелирам до сите капачи да бидат совесни, да ги проценат своите потенцијали, а најсреќниот да го фати чесниот крст. Доколку чувствуваат слабост или имаат дијагностициран здравствен проблем, граѓаните да не влегуваат во езерото. Тоа се најбитните сегменти, кои мора да се почитуваат.“ – вели Сашо Точко, честитајќи им го на граѓаните големиот православен празник Богојавление – Водици.

Сите оние кои планираат да влезат во водите на езерото, пожелно е да извршат здрвствен преглед, кој денеска ќе се врши од 19 часот во просториите на ресторанот „Чун“.

O.T.