Околу 1000 капачи ќе запливаат во Охридското Езеро на празникот Водици со желба да го фатат чесниот крст кој ќе биде фрлен во осветените води. Се верува дека водата на овој ден е лековите и дека никој не може да се разболи, но покрај силната верба во бога, чесни намери и чиста мисла, капачите сериозно треба да внимаваат и на опасностите и ризиците кои постојат при зимско капење.

-Доколку чувствуваат слабост или имаат дијагностициран здравствен проблем, граѓаните да не влегуваат во езерото. – предупредуваат стручните лица. 

Дното на езерото кај градското пристаниште деновиве беше исчистено од страна на охридските нуркачи, но е доста нерамно, па така на капачите им се препорачува задолжително да носат обувки за во вода на себе. Температурата на водата е ниска и изнесува само 8,2 степени Целзиусови, поради што се препорачува да се избегнува конзумирање алкохол пред капење.

-Алкохолот повеќекратно ја намалува температурата на телото. Кога ќе се напиеме алкохолен пијалак, чувството на топлина е само површинско. Крвните садови се шират и постои опасност од хипотермија. – информираат од Црвениот крст.

За безбедноста на капачите и присутните, ќе се грижат 10 медицински тимови на Црвениот крст и обучени спасители на вода.

Оваа година крстот ќе се фрла од пристаниште, а  ќе има посебно обележано место каде што ќе пливаат капачите. Доколку има нејаснотии и нечесни работи, нема да се изведат почестите кои следуваат за фаќачот на крстот. – потенцираат организаторите на манифестацијата. 

Г.М.