Советот на Општина Охрид денеска ја одржа 63-та седница. Предложениот дневен ред беше изменет со повлекување на точката за усвојување на Годишниот план за вработување за 2022 година на ЈП „Охридски Комуналец“, а беше дополнет со точките за пренесување право на користење на компјутерска опрема – таблети од Општина Охрид на основните училишта „Братство Единство“, „Григор Прличев“, „Живко Чинго“, „Св. Климент Охридски“ , „Кочо Рацин“, и „Св. Наум Охридски“. Дневниот ред беше дополнет и со точката за предлог одлука за утврдување на подпроектот за реконструкција на улица „Македонски просветители“ како приоритетна инвестиција.
На денешната седница беа изгласани и Одлуките за усвојување на извештајот од работењето на јавните претпријатија. На расправата по овие точки, директорот на Јавното претпријатие „Охридски Комуналец“, Љупчо Грданоски беше запрашан за потрошените 593 илјади денари за рекламирање и пропаганда, како и за зголемувањето на персоналот за девет луѓе во првите шест месеци од годината. Коментарот од Грданоски беше дека претпријатието вработува исклучиво по потреба, а во однос на потрошените средства за рекламирање, тој вели дека претпријатието било постојано на удар на одреден медиум и токму поради тоа активностите ги презентирало преку останатите охридски медиуми.
Дискусија имаше и за работењето на Јавното претпријатие „Водовод Охрид“ , односно за изминатиот летен период кога во дел од руралните средини граѓаните се соочуваа со недостиг на вода.
Недостатокот на вода во Велгошти, Лескоец и горно Лакочереј е затоа што има диви приклучоци и трошење на водата за наводнување на зелени површини. Неколку пати беа пратени апели да не се користи водата за пиење за вадење зелени површини и да се штеди, но дивите приклучоци се проблем, одговори на советничко прашање директорот на ЈП „Водовод“ Светозар Стефановиќ.
Претседателката на советничката група Од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Коњаноска истакна дека советниците треба да имаат повеќе свест за одговорноста што ја има Советот за состојбата во која се наоѓаат сите јавни претпријатија.
Доколку јавните претпријатија продолжат да работат на начинот на којшто работат, ние овде и понатаму ќе можеме да раскажуваме само флоскули дека се вработуваат само тие што се потребни, затоа имаме „Водовод“ со бројка на вработени колку Будимпешта и имаме комунално претпријатие со бројка на вработени колку милионски градови. Упатувам апел до следните кои ќе седнат во овие клупи, во наредните четири години да покажат повеќе свест за одговорноста што ја има Советот за состојбата во која се наоѓаат сите јавни претпријатија и работата на претпријатија да биде видлива за граѓаните, а не да има потреба активностите да се пласираат преку медиуми. Вината за ситуацијата во која се наоѓаат претпријатијата не е во менаџерските тимови, туку, ако јавните претпријатија продолжат да функционираат под притисок на политиката нема да има промена, истакна Коњаноска
На денешната седница не беше усвоен извештајот за реализација на програмата за одржување и заштита на локални патишта, улици и регулирање режим на сообраќај за периодот од 01.01. до 30.06.2021 година и беше одлучено да се достават забелешки до надлежните за безбедноста во сообраќајот во изминатиот летен период. Советниците забележаа и за хаосот во сообраќајот кој се создал кај „Горна Порта“ бидејќи од страна на учесниците во сообраќајот не бил почитуван изменетиот режим на сообраќај кој трае до први септември, а во текот на цело лето не било забележано присуство од сообраќајната полиција за санкционирање на возачите на оваа локација.
На седницата беа изгласани и предлог – Одлука за давање согласност за формирање паралелки со помалку од 25 ученици во средните училишта, годишните планови за вработување за 2022 година во основните училишта и програмите за работа на училиштата за учебната 2021/ 2022 година.
K.A.
















