Изгласани измените на годишниот План за вработување во Општина Охрид за 2023 со кој се даде согласност за нови 14 вработувања и 4 унапредувања во Општината на одржаната 24-тата седница на Советот. Претходеше бурна расправа на која советниците од опозицијата обвинија за магаломански план за вработување, додека од власта со образложение дека потребните кадри согласно постоечката систематизација не може да се прераспределат, но затоа дел од веќе вработените може да конкурираат на јавниот повик.
Ваков мегаломански план за вработување во година на глоблна економска и енергетска криза од една превработена општинска администрација навистина не очекував, а во однос на унапредувањата немам забелешки доколку критериумите се поставени на здрава основа, рече координаторката на советничката група на СДСМ, Живка Ангелоска.
Фактот што воопшто не ги оправдува овие измени претставува глобалната економска и енергетска криза, којашто не само што не оправдува ваков план за вработување, туку налага и обврзува максимално домаќинско работење и крајно економично и рационално користење на ресурсите. Затоа што тоа е единствениот начин да бидат намалени последиците за вработените во општината, за ЈП-ја и нивните вработени, како и за граѓаните. Каква оправданост има една пребработена општина во година на глобална криза за вработување на 14 лица, за кои не можам да кажам работници, бидејќи шест од нив се раководители? Нема сразмерност во однос на планираните пензионирања и новите вработувања. Во планот за вработување планирани се 4 испразнувања на работни места по основ на пензионирање, наспроти големите 14 нови вработувања, рече Ангелоска.
Додаде дека и во основниот план за вработување во месец август биле предвидени 5 нови вработувања прашувајќи од каде се изнајдоа уште девет нови и дали може Општината да си дозволи еден таков луксуз.
Дали стручниот кадар кој го поседува нема квалификации и нема можност да биде испочитуван и да му се даде можност да бидат пополнети со нив тие работни места? Од друга страна со овие измени на планот за вработување на Општина Охрид се побиваат и сите оправдувања кои беа дадени во текот на изминатите седници кога се зголемуваа цените на услугите на ЈП-ја. Доколку се реализира овој план претставува оптоварување на буџетот на Општина Охрид и уште една причина повеќе да не можат да се реализираат капиталните проекти, потенцираше Ангелоска.
Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески вели во август бил донесен план за вработување за 2023 година, но во однос на планираната бројна состојба која тогаш била донесена и што ја носат денес е 261 вработено лице, потенцирајќи и дека за првпат има осум унапредувања кои ќе бидат пракса и во иднина.
Во однос на мегаломанските вработувања, во 2022 година кога се носел планот имало 266 вработени, до крајот на 2022 година останале 251 вработени. Значи имаме намалување на бројот на вработени. Изминатите години имавме бројни состојби по 277-280 вработени лица. Во план е нова систематизација во Општина Охрид, работевме на тоа со тимови, беше изготвен нов предлог за систематизација на работните места, но не добивме согласност од Министерството за информатичко општетство зошто години наназад никој не крател работни места, туку само додавал нови. Не само овие осум унапредувања, во Општина Охрид има околу 35-40 луѓе кои се вработени десет, петнаесет или дваесет години и останале на истото работно место на кое биле примени, не се унапредени воопшто, вели Китески.
Додаде дека покрај интерните предвидени унапредувања, на дел од новите работни места може да конкурираат веќе вработени во Општината, а ги исполнуваат критериумите.
Во моментов со постоечката систематизација немавме можност за повеќе унапредувања, а новата не ја одобруваат од Министерството. Вработените се запознаени дека може да конкурираат на јавните огласи, а со оглед на нивното искуство може и истите да бидат избрани ако имаат најголем број на бодови. По реализација на овој план сите места што ќе бидат ослободени од внатрешните луѓе кои би биле вработени на новите, ќе бидат затворени и избришани од систематизација и со тоа ќе се намали бројот. Ќе аплицираме повторно во Министерството за информатичко општество и се надевам дека тогаш ќе биде усвоената новата систематизација, додаде Китески.
Беше потенцирано и дека последната систематизација за вработување во Општина Охрид е донесена во 2015 година.
Инаку, измените на годишниот План за вработување на Општина Охрид за 2023 година го подржаа седумнесет советници, а четворица гласаа против.
Н.С.Ј.