Советниците денес на одржаната шеесет и втора седница ја изгласаа одлуката за експропријација на парцели за пристап кон Домот за стари лица. Станува збор за градежно земјиште на Кп.бр.4266/1 КО Охрид 4 и Кп.бр.4265/1 КО Охрид 4.
Советникот Ванчо Костоски истакна дека е добро што се врши експропријација, но овој пат е мислам дека по приватна иницијатива, локацијата за Дом за стари лица, кој е завршен пред кратко време.
Имам забелешка во поглед на тоа што се врши експропројација на две парцели, односно за овој Дом се обезбедува пристап од две места, едниот од кај хотел Магнус, другиот од кај патот за Извиднички. Се е тоа добро, меѓутоа можеби ќе беше добро експропријација да се направи само на патот од една страна, а другите пари да се употребат за други локации. Како пример повторно ќе ја спомнам зградата на локација во центарот на Охрид веднаш до шумското претпријатие „Галичица“, која е изградена пред десетина години, но луѓето немаат никаков пристап со автомобил, а во влезот има 50-60 сантиметри ширина за да влезат пешки. Можеше дел од тие пари или други пари да се употребат да се изврши експропријација за овој случај, истака Костоски.
Во однос на забелешката од советникот двете парцели се потребни да дел се експропреира од тие две парцели за да се обезбеди пристап до локацијата не од кај Извиднички, туку од другата страна, појасни Катерина Илоска, Раководител на одделение за правни работи.
Не може да се експропреира една за да се обезбеди пристап, мора двете од таа страна. А ако експропреиравме комплетно од кај Извиднички површината за експропријација ќе беше многу поголема. Во поглед на локацијата кај шумското претпријатие ние за таа локација имаме поднесено предлог до имотно-правната служба кој треба да се доуреди. Предлог одлуката е изгласана од страна на советниците уште во 2012-2013 година, ама со оглед на сложеноста и комплексноста на предметите за експропријација, таму во повеќе наврати ова раководтство ги има повикано сопствениците на преговори, бидејќи тоа е центар и таму квадратот е 20 илјади денари за експропријација, тие никако не се сложуваат за исплата на рати, малку им е износот по квадрат. А сепак да водиме постапки за експропријација, а после да имаме уште и судски постапки за надоместокот, станува сепак збор за многу пари. Таму е поднесен предлог и треба да се докомплетира, бидејќи општината не беше во можност повеќе од тие пари колку што е проценката за предметните локации, додаде Илоска.
Нема да се согласам дека ова е приватна иницијатива, бидејќи оваа експропријација е обврска на општината од потпишан договор за Домот за стари лица, рече секретарот на општина Охрид Александар Китески.
Обврската за општината била од 2015 година. Доколку општината од 2015 година ја почнеше оваа постапка сега ќе беше ова земјиште исплатено. Меѓутоа како и останати други експропријации, дојде време да се решава сега, а се работи за поголема површина и допрва треба да се исплаќа. Кога ќе преземеме обврски како раководство на општината треба да се исполнуваат веднаш, а не да ги оставаме да се реализираат после 10-11 години, додаде Китески.
На седницата беа усвоени годишните извешаи за работата и материјално-финансиското работење за учебната 2024/2025 на средните училишта, како и годишните програми за работа за учебната 2025/2026.
Советниците ги изгласаа и одлуката за давање на времено користење недвижен имот – дел од деловен простор, сопственост на општина Охрид на Министерство за економија и труд – Државен инспекторат за труд, програмата за измени и дополнувања на развојната програма за изработка на урбанистички планови на територијата на општина Охрид 2025 – 2027, одлуката за определување на крајбрежен појас на водотек река Сушица опфатена во Деталниот урбанистички план за УЗ 11, УБ 11.5 општина Охрид, одлуката за донесување Урбанистички проект со план за парцелација во ЛУПД за ГП бр.1 со основна класа на намена А4 – градби за времено сместување на КП.бр.2751/4 и КП.бр.2751/5 и други во КО Коњско, Општина Охрид, одлуката за донесување техничка исправка за ГП 1.5 и ГП 1.6 од ДУП Урбана Заедница 9, Урбан Блок 9.2 – Охрид, Општина Охрид и одлуката за донесување техничка исправка за ГП 1.7 во УПВНМ на дел од Туристички локалитет Горица – Св.Стефан – Метропол, опфат 3, плански период 2010 – 2020, општина Охрид.
Н.С.Ј.