Советниците дадоа зелено светло за вработување на технички персонал во основните училишта на територијата на Охрид. Како што беше посочено  на денешната одржана педесет и осма седница на Совет, станува збор за технички персонал по основ на нови барања и дел по основ на пензионирања.

Советникот Бојан Михајловски упати прашања до надлежните во поглед на тоа дали со овие вработувања ќе се задоволат елементарните потребите на учениците во однос и на тој дел од образованиот процес и дали ќе биде доволен помошниот технички персонал во сите училишта да ги задоволат потребите на учениците?

Се работи за технички персонал, но има потреба од логопеди во секое училиште. Од тоа што можев да го дознаам е дека сите основни и средни училишта имаат соодветни барања за добивање согласност за вработување. Но, веќе неколку месеци немаат добиено таква согласност. Апел до министерката Весна Јаневска да даде согласност на училиштата бидејќи за два месеци почнува учебната година, а не е добро училиштата да немаат хигиеничари, хаус мајстори, рече советникот Ванчо Костоски.

Јоне Станкоски, помошник раководител на Секторот за јавни дејности при Општина Охрид, посочи дека формално правно секогаш Советот го носи годишиот план за вработување во основните училишта.

Се работи за технички персонал по основ на нови барања и дел по основ на пензионирања. Да, со новите дополнителни вработувања ќе се задоволат потребите на училишта, а во однос на барањата тие сега се поднесуваат, по донесувањето на годишниот план, до Министерството за образование и наука и Министерството за финасии за давање согласност. И се бараат дефектолози согласно потребите на секое училиште поединечно. Во следниот период би требало да ги добиеме тие согласности за дополнителни нови вработувања во однос на потребите на училиштата. Оваа одлука формално треба да помине прво на Совет, посочи Станкоски.

На седницата стана збор и за измени на годишниот план за вработување за 2025 година но ЈП Градски пазар.

Како за Градски пазар како едно од јавните претпријатија со најлош финансиски извештај, кој сега има прилив на финасии од издавање на урбана опрема и изнајмувањето на куќарките во летниот период, да донесеме план за вработување кој има зголемување на работни места, не само од испразнатите? Дали може ова претпријатие со внатрешна реорганизација да направи прераспределба на работните позиции интерно за да нема потреба од нови работни места и дали како претпријатие со најголеми субвенции од Општина Охрид и за овие работни места ќе исплаќа плати од субвенциите, праша Михајловски.

Директорот на ЈП Градски пазар Александар Попоски посочи дека се работи за измена на годишиот план поради новата систематизација и функционалната анализа.

Имавме промена на називите на некои работни места и од таа причина мораше да имаме изменет годишен план. Во моментов имаме 4 вработени кои се на определено време преку Агенција. Со оваа измена нема да има дополнително оптоварување, само ќе се промени статусот од определено на неопределено време. Имаме и две пензионирања. Бројката од кога дојдов до сега на вработени лица се движи од 36 до 38, додаде Попоски.

На денешната седница на Совет, советниците ги изгласаа и одлуките за давање согласност и овластување за измирување односно пренасочување на средства од буџетот на Општина Охрид согласно Договорот за финансирање SERAPIS бр. 2018-0837, продолжување на работното време на вршителите на занаетчиски дејности и неколку урбанистички – плански документации.

Н.С.Ј.