Советниците ја изгласаа Одлуката за задолжување со наменски кредит на ЈП „Охридски Комуналец“ – Охрид. Сепак претходеше бурна расправа на која од една страна советниците од опозицијата сметаа дека и на така веќе задолженото претпријатие не му треба ново задолжување и постои можност од губење на деловните простории кои се ставаат под хипотека, додека од владејачкото мнозинство со став дека токму со кредитот ќе се спасат просториите на претпријатието кои по основ на наплата на обрвските кон извршителите можат да бидат земени. Несогласување имаше и по однос на зголемување на цените на јавното претпријатие, кое според кажаното е и резултат на ажурирањето на податоците согласно квадратурата на просторот.

Координаторката од советничката група на СДСМ, Живка Ангелоска го потенцираше ризикот од задолжувањето на претпријатието дополнително односно праша колку е оправдано едно претпријатие со годишен негативен биланс да се задолжува.

Знаеме дека ги покачивте цените на услугите, истовремено додека беа покачени цените на услугите го променивте и начинот на пресметка на надоместокот односно вршевте некое ажурирање на корисните површини. Така, едното со другото, доведе до ситуации кога еден дел од физичките лица, сопственици на индивидуални станбени објекти, да плаќаат надоместок, односно ѓубретарина, 40, 50,60, па дури и 70% повеќе отколку што плаќале порано. Но, очигледно и тоа не беше доволно претпријатието да ја заврши годината со позитивен биланс. Секој месец платите се исплаќаат со задоцнување, а долговите кон добавувачите се таложат. Дали оваа ситуација треба дополнително да се оптоварува со ново задолжување. Влогот на новото задолжување е голем, ако се има предвид дека како гаранција за исполнување на обврските претставува хипотеката на административните простории во старата зграда на градскиот пазар. Дали сме на чекор претпријатието да ги изгуби овие административни простории?, потенцираше Ангелоска.

Во поглед на набавката на поволни возила изрази согласност дека е подобро да се набават сопствени отколку да се изнајмуваат, напоменувајќи на фактот дека возниот парк на претпријатието повторно ќе биде збогатен со две нефункционални возила и можеби тоа ќе биде, како што рече, уште едно дополнително објаснување дека ситуацијата е таква каква што е и ќе мора повторно да се изнајмуваат возила.

Овие причини сметам дека се основани да почекате подобри времиња за задолжување, да работите повеќе на обезбедување финансиска стабилност на претпријатието за да не предизвикаме последици од поголеми размери. Со усвојување на оваа Одлука ние претпријатието го носиме во бездна од која тешко ќе излезе, нагласи Ангелоска.

Директорот на јавното претпријатието Сашо Најдески потенцираше дека направена е техничка грешка во поглед на барањето за задолжување наместо 170 илјади евра треба да стои 140 илјади евра, согласувајќи се со констатацијата дека се направени зголемувања на цените.

Во делот каде што рековте дека се направени зголемувања на цените, тоа е точно, но направени се истовремено и ажурирање на квадратурите на просториите. Постапувам согласно Уставот и подзаконски акти и во интерес на ЈП гледам да го зголемиме приходот. Не гледам ништо тука против законски. Ова е нешто што граѓаните требало да го плаќаат редовно. Во поглед на возилата за набавка, испитан е пазарот и за нови возила немаме средства. А и кога би имале средства доставата на нови возила е околу две години, а ние немаме време. Единствено решение е набавка на половни возила кои нема да бидат постари од десет години, потенцираше Најдески.

Претседателот на Советот, Сашо Донев истакна дека треба да се анализираат и причините кога се носат ваквите одлуки, бидејќи ЈП е со блокирана сметка и да ги има средствата нема да ги уплати за нови возила, додавајќи дека не треба да се манипулира во јавноста дека претпријатието ќе ги изгуби деловните простории.

ЈП како гарант дава една од деловните простории, а тоа го прави за да не биде извршен деловниот простор, зошто сметката на ЈП е блокирана. Со ова што го правиме ги спасуваме деловните простории на ЈП, бидејќи со исплатата на последната рата од претходниот кредит кој исто така е земен со хипотека, ќе станат слободни просториите и тие кои имаат побарување по дел на извршни сметки во ЈП, на кои сега им се повисоки каматите од јавниот долг, ќе добијат деловни простории и тоа сакаме да го спречиме. Сметам дека треба да се даде поддршка на Одлуката бидејќи сме на три месеци пред летната сезона и капацитетите на ЈП ги знаеме, механизацијата и камионите кои ги има во моментов ги знаеме, а не сакам да зборувам колку средства се потрошени за резервни делови за камиони кои претходно биле набавени. Во однос на сметките имаше поскапување и истото е резултат и на ажурирањето на податоците согласно имотните листови, додаде Донев.

Н.С.Ј.