Советниците во вторник, 18 јуни, ќе ја одржат четириесет и втората седница на Совет каде на дневен ред се одлуката за престанок на мандат на член во Советот на општина Охрид, верификација на мандатот на член во Советот на Општина Охрид и избор на претседател на Советот на Општина Охрид.

Ваквите промени доаѓаат по резултатите од одржаните парламентарни избори на 8 мај по кои во новиот парламентарен состав од 5-та Изборна единица Охрид влегоа тројца пратеници, Сашо Донев, Лидија Петкоска и Грација Бакраческа од партијата ВМРО ДПМНЕ.

Со тоа местото на Донев како советник и претседател на Советот ќе биде заменето со кандидатите кои ќе бидат избрани на седницата во вторник. Следен на листата на советници од ВМРО ДПМНЕ е Александар Здравевски.

Инаку, Донев беше избран за претседател на Советот во 2021 година, а беше предложен од ВМРО ДПМНЕ со образложение дека покрај тоа што е магистер по политички науки и беше носител на советничката листа која освои поголем број гласови за време на изборите, има претходно искуство во работата на Советот, а бил и директор на Јавно претпријатие.

Н.С.Ј.