
Покрај претседателот Иванов, на свеченото отворање на Школата, на која учество ќе земат 40-тината учесници ќе се обратат и Претседателот на Европската академија на науките и уметностите, Феликс Унгер, како и Заменикот помошник државен секретар на САД, Филип Рикер. Во текот на денот предавања на Школата за млади лидери ќе имаат и амбасадорот на САД, Пол Волерс и амбасадорот на Велика Британија, Кристофер Ивон, кои ќе зборуваат на теми поврзани со активното лидерство, како тоа да се спроведе во практика и како да се учи од етаблираните лидери.
И оваа година учесниците во Школата за млади лидери ќе имаат можност да се сретнат со врвни предавачи, истакнати професори од странски академски институции и универзитети, успешни бизнисмени и претседатели на мултинационални корпорации, асоцијации и институти, европски парламентарци, министри, амбасадори.
Меѓу истакнатите гости предавачи се поранешниот личен секретар на принцезата Дајана, Патрик Џефсон, од Њујорк Тајмс прогласен за најпродаван автор, како и Мери Џо Џекоби, која во својата професионална биографија вклучува позиции како специјален асистент на Претседателот Роналд Реган, била именувана од претседателот Џорџ Буш како Помошник секретар за трговија на САД, а од страна на НВ Кралицата Елизабета II за Комесар на Британската државна служба. Поранешниот амбасадор на САД во НАТО и поранешен Заменик помошник државен секретар на САД, Курт Вокер, исто така ќе им се претстави на младите лидери. Како предавачи ќе присуствуваат и Државниот министер за владини комуникации во Владата на Унгарија, Золтан Ковач, парламентарецот од германскиот Бундестаг, Томас Хелм, професорот од Оксфорд и долгогодишен наградуван новинар на Би-Би-Си, Ричард Грејсон. Ќе гостуваат професори и од Универзитетот Оберта де Каталуња, Универзитетот Оукланд – Нов Зеланд, Универзитетот од Бостон, Универзитетот од Виена, потоа директори на меѓународни институти и асоцијации, и други успешни лидери од Македонија, Европа и светот.
Воспоставувањето на Школата за млади лидери, која се одржува трета година по ред, е лична идеја на претседателот д-р Ѓорге Иванов, како проект за прв пат инициран уште во неговата изборна програма. Првиот интензивен тренинг за лидерство беше организиран во август 2010 година во Охрид, под негово покровителство. Идејата е да им се овозможи на младите, талентирани и амбициоазни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.
Целната група на Школата за лидери се млади луѓе на возраст меѓу 23 и 35 години, дипломирани студенти и професионалци чиишто сфери на интерес се цивилното општество, економијата, политиката, и кои имаат желба да ги развиваат своите лидерски вештини и капацитети, и да придонесат за идниот позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат. Право да учествуваат имаат младите од Македонија, но и децата на нашите иселеници во странство.












