И покрај обемниот дневен ред, денешната 58- ма седница на советот заврши без долги расправии и усвојување на предлог- одлуките кои денес се најдоа пред советниците.

Со мнозинство гласови беа усвоени Извештајот за слободен пристап до Информации од јавен карактер за 2012 година,како и  предлог одлуката за пренесување правото на сопственост од општина Охрид на ЈП „Охридски Комуналец“  .


Советниците со спротиставени мислења околу предложениот касов максимум во благајната на општина Охрид во висина од 30.000 денари, што за разлика од минатата година бележи зголемување од 100%.

Според советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Јованка Дамовска- Секулоска, неприфатлив е терминот во кој се утврдува касовиот максимум , како и неговата висина.

–    Најчесто по ова прашање се разговара на почетокот на буџетската година. Сега сме навлезени во предизборен период и оваа измена може да се злоупотреби за тековни исплати во предизборната кампања, рече Дамоска, која додаде дека висината на касовиот максимум од 30.000 е превисок во однос на потребите на општината.


За градоначалникот , терминот за расправа по оваа предлог- одлука не е спорен.Во врска со средствата од благајната на општината потенцира дека редовно ќе се поднесува извештај до советниците,  со цел тие да имаат увид како и колку се трошат парите.

За разлика од изјаснувањето околу касовиот максимум, советниците единствени во однос на точките на дневен ред поврзани со легализацијата на бесправно изградените објекти.


–    Легализацијата на бесправно изградените објекти е проект на владата со што им се овозможи на сите сопственици на вакви објекти да ги легализираат, што значи дека овие објкети треба да се вклопат во урбанистичките планови.Тоа ќе значи и ревизија на деталните урбанистички планови и на генералниот урбанистички план, што на Охрид му е повеќе од потребно за да видиме што му се случувало на градот во изминатите години. Ќе дадеме еднаков третман и  подршка на сите поднесени барања за легализација од граѓаните, изјави координаторот на советничката група од ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Паноски.

Како што објасна градоначалникот Александар Петрески, за да се решат дел од поднесените барања за легализација, морало прво да бидат извршени измени во законот за легализација. 

– Владата при носењето на законот за легализација на бесправно изградените објекти имаше направено некои пропусти, поради кои требаше да бидат извршени измени кои стапија на сила во декември минатата година, па затоа сега овие предлог- одлуки се најдоја на дневен ред пред советниците. Според бројот на легализирани бесправно изградени објекти сме меѓу првите во земјава, а први ќе бидеме и според извршените постапки за легализација по  измените на законот , изјави градоначалникот Александар Петрески.

Од дневен ред на седницата беше повлечена предлог одлуката за усвојување на Извештајот за состојбата во областа на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата за периодот од 01.07.- 31.12.2012 година, како што рече предлагачот- градоначалникот Петрески, поради отсуство на претставник од СВР- Охрид на комисиите на кои се разгледувала предлог- одлуката.

Т. Кувенџиска