Од советничката група на ВМРО- ДПМНЕ се изјаснаа дека нема да гласаат за точка која според нив, се става насилно на дневен ред без претходно да бидат доставени потребните материјали за предлог- одлуката.
– Градоначалникот насилно, без претходна најава и материјали кои што ќе бидат разгледувани на седницата ја стави на дневен ред точката за урбанистичкиот план во населбата Свети Стефан. Како советничка група сме против таквото насилно ставање на точка на дневен ред. За конкретниот урбанистички план побаравме соодветни одобренија од министерството за транспорт и врски за кои градоначалникот истакна дека ги немаат таквите одобренија, па според тоа, како советничка група изградивме став дека не можеме да поддржиме урбанистички план што ги нема сите одобренија. Од друга страна поучени од претходното искуство кога под превезот на хотелски објекти, ни се протнуваа такви одлуки кои во јавноста фактички претставуваат станбени комплекси,изградивме став да не го поддржиме планот, рече советничката Јованка Дамоска – Секулоска.
Од советничката група на СДСМ, потенцираат дека при изјаснувањето околу урбанистичките решенија се водат единствено според законските одредби и она што локалната самоуправа го предлага во рамки на надлежностите.
– Се работи за донесување урбанистички план кој еднаш веќе беше во нацрт, советот го изгласа и беше ставен на јавна расправа и со сите добиени потребни согласности од надлежните институции сега може да се донесе како конечен урбанистички план. Не може да се одлучува врз основ на претпоставки. Тврдам дека сите одлуки кои се носат на совет се носат во согласност со законските одредби, изјави координаторот на советничката група од СДСМ, Томислав Тунтев.
Како што изјави градоначалникот Петрески, овој урбанистички план ги има запазено сите законски процедури и нема пречка да не биде донесен.
– Се работи за приватна иницијатива за која инвеститорот платил 1.300 000 евра, го купил земјиштето по 200-300 евра од метар квадратен. Кога може Индиецот да гради, зошто да не можат и нашите домашни инвеститори. Во Љубаништа им се дозволува да влезат 100 метри во езерото и да градат објекти, а овде пречи објект кој не е ниту во заштитена зона, ниту пак ја загрозува животната средина, рече Петрески.
Со мнозинство гласови предлог одлуката беше усвоена.
Советниците ги усвоија и извештаите од работењето на јавните претпријатија, предлог одлуката за разрешување и назначување на член од управниот одбор од ЈП „Градски пазар“, додека пак предлог-одлуката за предлагање прогласување на заштитено подрачје Студенчишко блато во категорија – Споменик на природата беше повлечена од дневниот ред поради забелешки дадени од страна на комисијата што ја разгледувала.