Во врска со најавената изградба на Хидроаеродром, Петрески смета дека е непотребна инвестиција со оглед на тоа дека би се предизвикале негативни последици по езерото и пастрмката , а при тоа Охрид веќе има аеродром.
Петрески изрази зачуденост што од страна на еколозите е изразена поддршка за проектот, доколку се запазеле еколошките стандарди.
– Тоа ми е чудно и затоа ме тера да верувам дека и натаму ќе се случуваат чудни работи. И дека се е договорено, дека пробниот балон е пуштен. До вчера тие што се спротиставуваа да не се гради на обала, сега кажуваат дека ако било еколошки, можело и во езеро да се гради. Бетонот е бетон, кога ќе се фрли во езеро или е штетно или не, тоа треба јасно да се каже. Не можам да прифатам експертите да зборуваат час како експерти, час како политичари, изјави Петрески.
При тоа, освен обжалувањето на законските измени со кои и се одземаат ингеренциите на локалната самоуправа во урбанистичката сфера и законот за развојни туристички зони, Петрески најави и кривични пријави за сите кои работеле спротивно од законот, а на штета на охриѓани.
Советникот Дејан Паноски, го искажа своето стручно мислење кое, како што нагласи го изнел и при средбата со фирмата која го изработила проектот, како претставник на Билатералниот секретаријат и министерството за животна средина.
– Јасно потенцирав дека – секоја инвестиција која се прави на брегот мора да ги исполнува сите еколошки стандарди. Да се информира УНЕСКО кој веќе побара дополнителни информации за она што ќе се случува, да се внимава на живиот свет, природните и културни вредности, како и при евентуална инвестиција да се изгради пречистителна станица, изјави Паноски.
Во однос на Хидроаеродромот , потенцира дека и покрај тоа што не станува збор за фрлање бетон во вода, туку само обележување на патека по која ќе слетуваат и полетуваат хидроавионите, Охрид нема ниту економск, ниту туристичка потреба од ваков вид аеродром.